• сабота, 23 ноември 2024

Средба во Белград на началникот на ГШ на Армијата на Северна Македонија, генерал Ѓурчиновски со министерот за одбрана Вучевиќ

Средба во Белград на началникот на ГШ на Армијата на Северна Македонија, генерал Ѓурчиновски со министерот за одбрана Вучевиќ

Белград, 6 октомври 2023 (МИА) - Вицепремиерот и министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска во Белград се сретна со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој е во официјална посета на Република Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

На средбата, како што соопштија од  српското министерство за одбрана, на стратешко ниво биле разгледани модалитетите од важност за продолжување на успешната соработка во областа на одбраната, и се размениле мислења за политичко-безбедносните состојби во регионот на  Западен Балкан.

Министерот Вучевиќ посочил дека за одржување и натамошно зајакнување на  билатерални и меѓусоседски односи неопходна е посветеност и добра волја на двете страни, додавајќи дека ваквите и слични средби се најдобар показател и патот до тоа. Тој посочи и дека иницијативата „Отворен Балкан“ е одлична форма на соработка меѓу земјите од регионот и зајакнување на внатрешните врски.

Вучевиќ изразил загриженост за актуелните настани и положбата на српскиот народ на северот на Косово и изрази уверување дека натамошните преговори за нормализација на односите ќе станат посложени по неодамнешната ескалација на конфликтот. 

-Министерот Вучевиќ позитивно го оцени присуството на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во силите на КФОР, имајќи предвид дека за српското население на Косово и Метохија, КФОР е единствениот гарант за безбедноста, соопштија од српското МО.

Генералот Ѓурчиновски му се заблагодари на министерот Вучевиќ за можноста да разговара за теми од интерес на двете страни, кога станува збор за соработката во областа на одбраната. Тој особено ја истакна добрата соработка во областа на воената медицина и военото образование и додаде дека овие заеднички активности придонесуваат за севкупните односи меѓу двете земји. Генералот Ѓурчиновски го истакна значењето на неодамнешното учество на припадниците на воздухопловните сили и ПВО на Војската на Србија на аеромитингот во Скопје.об/лв/

 

 

Остани поврзан