• четврток, 26 декември 2024

Спречен обид за убиство на претседателот на Мадагаскар

Спречен обид за убиство на претседателот на Мадагаскар
Антананариво, 22 јули 2021 (МИА) - Обвинителството на Мадагаскар објави дека е спречен обид за атентат врз претседателот на Републиката, Андри Раоџелина, а уапсени се повеќе „странски и домашни“ лица.
Меѓу уапсените во островската земја крај источниот брег на Африка има и двајца француски државјани.
„Неколку странски државјани и граѓани на Мадагаскар беа приведени во вторникот, како дел од истрагата за нарушување на државната безбедност“, изјави синоќа државната обвинителка Бертин Разафијаривони.
Според материјалните докази, како што рече обвинителката, „овие лица измислиле план за елиминирање и неутрализирање на разни личности од Мадагаскар, вклучувајќи го и шефот на државата“.
Таа додаде дека истрагата продолжува и даде уверување дека аферата ќе биде целосно расчистена.
За време на празникот на независноста на Мадагаскар, на 26 јуни, жандармеријата веќе објави дека спречиле обид за убиство на државниот секретар задолжен за жандармеријата, генерал Ричард Раваломанана, „десна рака“ на претседателот на земјата. паг/
 

Остани поврзан