• четврток, 26 декември 2024

Спасовски: Дигитална транформација на МВР – побрзи услуги до граѓаните и поефикасна полиција

Спасовски: Дигитална транформација на МВР – побрзи услуги до граѓаните и поефикасна полиција
Скопје, 13 август 2022 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ја најави кампањата Дигитална трансформација на МВР. Оваа кампања, како што нагласува, ќе придонесе кон побрзи услуги до граѓаните и поефикасна полиција, а е во насока и на зелената агенда, придонесувајќи и кон заштеда на ресурси.
Тој на својот фејсбук профил информираше дека во периодот од 2017 до 2022 година МВР реализираше бројни активности во насока на дигитална трансформација на системите и процесите.
-Целта на овие активности е зголемување на ефикасноста како во услугите кон граѓаните, така и во интерните процеси на министерството, но пред сѐ да се одговори брзо на барањата на граѓаните за јавни услуги кои стануваат сѐ почесто барани, додаде Спасовски.
Според министерот, дигиталната трансформација отвора можности за достапен, транспарентен и респонзивен систем, кој содржи значајни елементи и на борба против корупцијата.
-Откако ова раководство стапи на чело на МВР, на стратешко ниво беа поставени активностите во насока на дигитализација и дигитизација, во контекст на реализација на целите коишто беа поставени во потпрограмите за „Развој на полицијата” и „Унапредување на заедничките функции на МВР”: унифициран и брз проток на информации во МВР; подобрување на услугите кон граѓаните и сервисна ориентација на МВР; повисока безбедност и надградба на телекомуникацискиот и информатичкиот систем на МВР, обезбедена квалитетна ИКТ инфраструктура и користење на нови технологии и мерки за информатичка безбедност, потенцираше Спасовски.
Сето ова, како што напомена, мора да биде придружено со напредна технологија и информациско-комуникациска инфраструктура, како и дигитално обучен кадар.
-Мерките и активностите на МВР за дигитализација на услуги и процесите се комплементарни со Програмата DIGITAL, нова програма на ЕУ насочена кон приближување на дигиталните технологии кон бизнисите, граѓаните и јавната администрација, напиша Спасовски на Фејсбук.бт/дма/

Остани поврзан