• среда, 25 декември 2024

Со тактичко-показна вежба и крводарителска акција одбележан Денот на пожарникарите во Крива Паланка

Со тактичко-показна вежба и крводарителска акција одбележан Денот на пожарникарите во Крива Паланка

Крива Паланка, 20 мај 2024 (МИА) – Звукот на противпожарните сирени денес точно во 11 часот одекна низ Крива Паланка, кога по примена дојава за пожар на една од бензинските пумпи во градот сите возила на Територијалната противпожарна едниница се упатија на местото на примената дојава. Ова беше симулација, тактичко-показна вежба во организација на ТППЕ Крива Паланка во знак на одбележување на денешниот Ден на македонските пожарникари, 20 Мај.

Вежбата беше изведена на бензинската пумпа „Мак петрол“, објект кој датира од 1968 година, лоциран на влезот на градот во близина на здравствениот дом Крива Паланка.

-Вкупно 13 пожарникари од нашата единица, со три противпожарни возила, со помош на вработените во бензинската пумпа и припадници на МВР, полициска сообракајна патрола од Крива Паланка се вклучија во тактичко–показната вежба за гасење на пожарот, бидејќи бензинската пумпа нема сопствена хидрантска мрежа  и во случај на пожар се користат хидрантите од самата главна улица. Во објектот нема исталирано дојавувачи за пожар и пријавувањето беше извршено по телефон. Симулиравме ситуација на пожар настанат на пумпата за точење плин на возило. Причина за пожарот е краток спој на електричната  инсталација на возилото. Пожарот е откриен благовремено но од самиот инцидент настанува и неконтролирано итекување на гас. Вака накратко изгледаше она што го приредивме како сценарио за денешната тактичко-показна вежба со која и го одбележавме 20 Мај но и на граѓаните им ги претставивме комплексноста и одговорноста на нашата работа како пожарникари и спасители, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка, кој рече дека речиси секоја година на сличен начин ја претставуваат нивната работа и го одбележуваат празникот на македонските пожарникари.

Тој елаборираше на кој начин тече една интервенција за пожарникарите, преку примање на пријавата, алармирање на единицата, известување за пожарот  во МВР, ПС Крива Паланка, во овој случај и е побарана помош за известување на дежурните екипи на ЕВН Крива Паланка,потоа, упатување на местото на пожарот, се до локализирање и ликвидирање на пожарот.

Честитка по повод 20 Мај до пожарникарите од градот упати и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

-Спасители и пожарникари, херои во битката со пламените јазици, спасители на човечки животи во итни и кризни состојби, денес е нивниот ден, а тие и денес пожртвуваноста, храброста и спремноста во службата ја покажаа на дело со тактичко-показна вежба. Како локална самоуправа работиме на постојано подобрување на условите за работа на ТППЕ Крива Паланка, вложуваме во доопремување и кадровско доекипирање на единицата, секогаш со почит на нивната посветеност за безбедноста на граѓаните. Честит Ден на македонските пожарникари, напиша градоначалникот Митовски на својот фејсбук профил.

Покрај со оваа вежба, традиционално, ТППЕ Крива Паланка го одбележа 20 Мај и со крводарителска акција во просториите на единицата на која освен вработените, крв дарува и граѓанството. ид/дма/


Фото: Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан