• недела, 24 ноември 2024

„Со поглед кон Европа“, почна чествувањето на јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека

„Со поглед кон Европа“, почна чествувањето на јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека

Скопје, 11 мај 2023 (МИА) - Промовирана монографијата „Со поглед кон Европа“, со дваесет текста од исто толку автори, за остварувањата за македонистиката во Риека од 2008 година до денес и за перспективите во времето што следи. Прва монографија за лекторат по македонски јазик на странски универзитет. Дејноста на Лекторатот по македонски јазик во Риека –најпрепознатлива и со најзабрзан развој на тамошниот Филозофски факултет. 

Ова е една од пораките упатени на свеченоста со која вчеравечер, во Риека започна чествувањето на јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека.

- Дејноста на Лекторатот по македонски јазик, во изминатите петнаесет години е најпрепознатлива и со најзабрзан развој меѓу оние кои се однесуваат на странските јазици, литератури и култури на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека. И не запираме тука – заеднички продолжуваме со развојот на македонистиката во Риека, не само со вложување во кадарот кој ќе се надоврзе на досегашните над 2000 студенти, туку и со нови проекти за натамошно развивање на соработката во научноистражувачката дејност важна за меѓународната афирмација на македонистичките научни вистини, се вели во соопштението од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во присуство на ректорот на УКИМ, голем број универзитетски професори и истражувачи и филолози, високи претставници на Градот Риека, дипломати, културолози, книжевници и уметници, како и на членови на тамошната македонска заедница, на свеченоста беше промовирана монографијата „Со поглед кон Европа“. Оваа монографија е прва која е посветена на лекторат по македонски јазик на странски универзитет. Потребата од нејзино објавување, како што било истакнато на свеченоста, произлегува од постигнувањата на Лекторатот кои значајно ги надминуваат очекувањата и вообичаените можности за период од година и половина, но и заради трасирањето патеки по кои ќе продолжи неговиот развој, со брзо темпо како досегашното.

- Оној пат кон Европа што започнавме да го чекориме со браќата Миладиновци преку објавата на нивниот Зборник на народни песни во Загреб во 1861 година, а го продолживме со Рацин и неговата „Бели мугри“ објавена во Самобор во 1939 година, во нашево време го продолжуваме токму преку Риека. Преку универзитеткиот центар на кој во последните петнаесет години има вонсериски интерес за македонскиот јазик, литература и култура, порачала во своето обраќање директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, осврнувајќи се на оваа монографија. 

Истакнувајќи го влогот на оние кои досега дел од себе вградиле во работата на Лекторатот по македонски јазик во Риека и посакувајќи негов натамошен раст и развој со голем број студенти, нови и поголеми успеси и уште поголема и поуспешна промоција на македонистиката во хрватскиот културен контекст, Мојсова-Чепишевска испратила порака уште од утре да почнеме да работиме за годините што доаѓаат, оние со кои ќе се исполни некоја нова монографија за успесите на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека. 

На настанот се обратиле и продеканот на Филозофскиот факултет во Риека, доц. д-р Домагој Швегер – во име на деканот, проф. д-р Александар Мијатовиќ, раководителот на тамошниот Оддел за кроатистика во чии рамки функционира Лекторатот по македонски јазик, проф. д-р Деан Дуриќ, акад. Горан Калоѓера,  profesor emeritus – иницијатор за основањето на Лекторатот и втемелувач на македонистиката во Риека и проф. д-р Емилија Црвенковска, која го раководеше МСМЈЛК при УКИМ во периодот кога беше основан Лекторатот.

Во своите излагања, тие подетално се осврнале на предизвиците и достигнувањата во досегашниот развој на македонистиката во Риека, но воедно и искажаа увереност дека тој развој ќе продолжи. Како што меѓу другото било посочено на свеченоста, на тоа нè обврзуваат историски значајните мигови што ги поврзуваат македонската и хрватската култура, но и што ги поврзуваат двата универзитета – УКИМ и Универзитетот во Риека.

- Особено значајно е што на настанот веќе и беше испратена јасна порака дека соработката со заеднички вложувања во македонистичките студии во Риека продолжува, што подразбира и натамошен раст и развој на Лекторатот. Како што беше истакнато, од Риека, со силни заложби, македонистиката е со поглед кон Европа во која се афирмирани и познати македонистичките научни вистини со заеднички залагања со странските македонисти и слависти и со изучувањето на универзитетските центри на кои се присутни македонскиот јазик, литература и култура. Ваквата порака е резултат и на остварените работни состаноци по повод значајниот јубилеј, стои во соопштението.

Поддршка на заложбите за натамошно развивање на соработката која покрај за развојот на македонистиката во Хрватска е важна и за унапредување на релациите меѓу македонската и хрватската академска заедница, даваат и ректоратите на двата и универзитета – УКИМ и Универзитетот во Риека, при што ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и присуствуваше на свеченоста. 

Инаку, монографијата „Со поглед кон Европа“ со чие промовирање започна чествувањето на значајниот јубилеј е објавена со поддршка од претседателот на државата, Стево Пендаровски, како покровител на МСМЈЛК при УКИМ. Во неа се објавени текстови на универзитетски професори, научни истражувачи, раководители на институции, дипломати и некогашни и сегашни студенти по македонистика во Риека, учесници на школите на МСМЈЛК при УКИМ – свидетали и учесници во досегашниот развој на Лекторатот.

На настанот на кој беше промовирана монографијата, меѓу другото присуствуваа и заменик градоначалникот на Градот Риека, Горан Палчевски, раководителката на Катедрата за методика по хрватски јазик и книжевност и општи филолошки предмети, проф. д-р Естела Банов, директорката на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Загреб, проф. д-р Наталија Поповска, почесниот конзул на Северна Македонија во Хрватска, д-р Златко Делов. Поддршка била упатена и од тамошната македонска заедница, при што на настанот присутвуваа и претседателот на Заедницата на Македонците во Хрватска, Илија Христодулов, претседателката на Советот на македонското национално малцинство за Приморско-горанска жупанија, д-р Данијела Трајковски Штанфел,  претседателката на Советот на македонското национално малцинство за Град Риека, Санда Треневска Хрељац, претседателката на македонската црковна општина „Св. Цар Константин и Царица Елена“, Илија Младенов, претседателката на Македонското културно друштво „Илинден“ од Риека, Ивона Дуноски Митев и претседателката на Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ од Пула, г-ѓа Милена Златеска.

Чествувањето на јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик во Хрватска, со низа настани и активности продолжува денес. Во чествувањето, поддршка доаѓа и од македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и од Македонското културно друштво „Илинден“.   

Во рамки на чествувањето ќе се одржат и повеќе работни средби. цр/лв/

Фото: МСМЈЛК при УКИМ

 



Остани поврзан