Засега нема да се ограничи точење гориво за странски државјани, дневно користат до 150.000 литри, вели Мицкоски
- Во овој момент не гледаме причина како Влада да го ограничиме користењето на нашите ресурси од граѓани од соседните земји. Ако порано се случуваше естрада поради донација од 5.000 вакцини, сега граѓани од соседните земји точат гориво кај нас бидејќи така заштедуваат и на тој начин го штитат својот стандард во своите земји. - Онаа Македонија која беше на колена за да добие некаква донација сега рефлектира стабилност и претставува фактор на сигурност за граѓаните од соседните земји. Доколку дојде до таков предвизвик ќе се донесе одлука со која ќе се ограничи кознумот и износот. Конечно оперативен ни е и нафтоводот и таму имаме количини на нафта и нафтени деривати, така што од сите аспекти сме обезбедени во овој момент, има ризици, но тука сме да ги антиципираме и решаваме, посочи премиерот Мицкоски.
Скопје, 22 март 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека државата е обезбедена од сите аспекти за справување со состојбите по растот на цената на горивата како резултат на војната на Блискиот Исток. Мицкоски, кој денеска соопшти дека Владата донела одлука да се намали ДДВ- то за горивата, истакна дека нема проблеми во снабдувањето, снабдувачите и државата ги имат потребните залихи, како и дека засега нема потреба да се ограничат граѓаните од соседните држави да купуваат гориво кај нас. Но, како што изјави, има ризици и тука сме да ги антиципираме и решаваме.
- Доколку се повикавме на прогласување кризна состојба за акцизите ќе беше недоволно и одлучивме да интервенираме директно од Буџетот и да ги намалиме цените за отприлика по 6,5 до 7 денари за литар, рече Мицкоски на новинарско прашање дали е исполнет и законскиот праг за прогласување кризна состојба за да се намали акцизита.
Таа можност, посочи дека останува и оти ќе се следи состојбата на светските берзи, во Заливот и војната во Иран и ќе се реагира. - Не ни е само оваа можност, имаме развоз, склад, маржа кај трговците, ќе треба и тие можеби малку да се покажат. Владата прави чекор во заштита на стандардот, со намалувањето на ДДВ-то, директно од Буџетот помагаме да не дојде до зголемување на цената на бензинот и дизлелот. Со ова повторно сме убедливо најевтини во регионот. Има притисок од соседните држави, до 150.000 литри на ден, што не е малку тоа е отприлика девет-десет проценти од вкупниот конзум. Електроенегретската состојба е стабилна, така што во овој момент можам да кажам дека целосно состојбата е стабилна, но постојат предвизици што ги антиципираме, превенираме и пресретнуваме за да не дојде до сценарија кои се случуваа во минатото, рече премиерот Мицкоски.
Тој ги претстави берзанските цени на нафтените деривати на Фоб Италија, врз основа на кои кај нас се определува цената.
-Од 16 до 20 март за премиум безоловен просечната цена е 1075 долари по тон што ќе значеше зголемување за 95-та и 98-та за 6,5 денари по литар. Со намалување на ДДВ нема да има зголемување односно ги компензираме. Кај дизелот за истиот период од 16 до 20 е 1305,85 долари по тон, што е зголемување од 10,5 денари по литар, ние со намалувањето на ДДВ, практично субвенционираме 7 денари од овие 10,5 денари. Останатите 3,5 денари очекуваме корисниците кои добиваат дизел од ОКТА да го искористи попустот од 2 денари по литар од ОКТА, а утре министерката за енергетика ќе разговара со раководството на ОКТА и ќе побара дополнителен попуст на дизелот за да нема поскапување и да бидеме единствената држава каде ќе нема поскапување, рече Мицкоски.
Тој соопшти дека од разговорите со сите поголеми снабдувачи кажале дека апсолутно немаат никаков проблем во делот на снабдувањето, но, посочи, се разбира постојат ризици и затоа велиме состојбата ќе се следи секој ден и врз основа на тоа ќе ги антиципираме сите ризици. Во моментот имаат поголеми количини од потребните законски пет дена, државата има повеќе од 60 дена, тоа значи и да нема никаков дотур ние во резервите имаме 60-ина дена да опстанеме онолку колку што е потребно. Од тој аспект состојбата е таква, ризици постојат и во моментот не зависат од нас, рече Мицкоски, на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.
Во делот на електроенергетиката, вели дека состојбата со гасот е стабилна и оти обезбедени се количини до април, по што завршува грејната сеозна и се намалува конзумот. - Затоа велам во овој момент апсолутно, покрај тоа што имаме најниски цени на бензини и дизел гориво, стабилна е енергетската состојба имаме солидно акумулирана енергија, очекуваме денови во кои дополнително ќе имаме дотеци во акумулациите, средината на април почнува и сезоната за наводнување на земјоделците. Апсолутно се ни е антиципирано. Аналогно на тоа, во овој момент не гледаме причина како Влада да го ограничиме користењето на нашите ресурси од граѓани од соседните земји, посочи Мицкоски.
Ако порано, дополни премиерот, се случуваше естрада поради донација од 5.000 вакцини, сега граѓани од соседните земји точат гориво кај нас бидејќи така заштедуваат и на тој начин го штитат својот стандард во своите земји. - Онаа Македонија која беше на колена за да добие некаква донација сега рефлектира стабилност и претставува фактор на сигурност за граѓаните од соседните земји. Доколку дојде до таков предвизвик ќе се донесе одлука со која ќе се ограничи кознумот и износот. Конечно оперативен ни е и нафтоводот и таму имаме количини на нафта и нафтени деривати, така што од сите аспекти сме обезбедени во овој момент, има ризици, но тука сме да ги антиципираме и решаваме, посочи премиерот Мицкоски.лв/вј/
Фото: Принтскрин