• среда, 18 декември 2024

Совет за општи работи треба да усвои заклучоци за процесот на проширување на ЕУ 

Совет за општи работи треба да усвои заклучоци за процесот на проширување на ЕУ 

Брисел, 17 декември 2024 (МИА) - Заклучоците за процесот на проширување на Европската Унија, подготовките за Самитот на ЕУ закажан за в четврток, програмата за работа на Европската комисија и патоказите за Европскиот семестар за 2025 година, како и односите на блокот со Велика Британија и Швајцарија, ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата (ГАК). 

На маргините на заседанието претпладнево ќе се одржи Третата меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија. Во предвечерјето на ГАК, синоќа, пак се одржа 17-тата Меѓувладина конференција ЕУ-Црна Гора. 

Предвидено е министрите или државните секретари за европски прашања на земјите членки да разменат мислења за процесот на проширување на ЕУ, врз основа на пакетот извештаи на Еврокомисијата за напредокот на земјите кандидати за членство објавен на 30 октомври годинава. 

Министрите ќе направат преглед за постигнатиот напредок и ќе треба да ги одобрат заклучоците на Советот за проширувањето, кои се дизајнирани да ја проценат ситуацијата во кандидатите за членство во ЕУ и да утврдат насоки за нивните реформски приоритети. 

Како што се посочува во најавата за Советот во 2024 година имаше неколку пресвртници во процесот на проширување на ЕУ, кој во изминатите неколку години доби нов важен моментум.  

Се потсетува дека на Самитот на ЕУ на 21 и 22 март беше донесена одлука за започнување на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, а на 25 јуни се одржаа првите меѓувладини конференции со Украина и Молдавија, со што тие ги отворија преговорите за членство. На 15 октомври Албанија го отвори кластерот „Основни вредности“, а на Меѓувладината конференција планирана за денеска се очекува земјата да го отвори кластерот „Надворешни односи“.  

На 26 јуни ЕУ заклучи дека Црна Гора ги исполнила привремените одредници поставени во поглавјето „Владеење на правото“ со што започна процесот на негово затворање, а синоќа земјата привремено затвори уште три поглавја. 

- На состанокот на 27 јуни 2024 година, Европскиот совет се согласи за Стратешката агенда 2024-2029 година, која ги поставува приоритетите и стратешките ориентации на ЕУ за новиот институционален циклус. Во документот се наведува дека новата геополитичка реалност ја нагласува важноста на проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Советот, исто така, потенцира дека има нова динамика во процесот на проширување и нагласи дека и ЕУ и земјите аспиранти за членство сега имаат одговорност максимално да ја искористат оваа можност, се додава во најавата. 

Во рамки на подготовките на декемврискиот Самит на ЕУ, ГАК ќе расправа за нацрт-заклучоците од средбата на која се очекува европските лидери да разговараат за сите димензии на руската агресија врз Украина и поддршка на Унијата за Киев, за ситуацијата на Блискиот Исток, за случувањата во Грузија и Молдавија, за извештајот на поранешниот фински претседател Саули Ниинисто за отпорноста и подготвеноста на блокот за одговор на кризи и за миграцијата, а ќе одржат и стратешка дискусија за улогата на Европската Унија во светот. 

На Самитот на ЕУ треба да бидат усвоени и заклучоците за проширувањето што денеска треба да ги одобри ГАК и за стратешките насоки за законодавно и оперативно планирање во областа на слободата, безбедноста и правдата. 

Министрите членови на ГАК ќе разменат мислења и за програмата за работа на Еврокомисијата за 2025 година, а актуелното унгарско и следното полско претседателство со Советот на ЕУ ќе го претстават патоказот за Европскиот семестар во 2025 година. Целта на патоказот е да се обезбеди дека сите релевантни совети на ЕУ и нивните подготвителни тела работат на координиран и конзистентен начин за темелно да ги подготват дебатите на Европскиот совет и да овозможат Комитетот на постојаните претставници на земјите членки (Корепер) и Советот за општи работи да го надгледуваат целокупниот процес. 

Учесниците на заседанието на ГАК ќе размената мислења и за иднината на Европа, со фокус на поглавјето „Зајакнување на владеењето“ од извештајот на поранешниот италијански премиер Марио Драги насловен „Иднината на европската конкурентност“, во кое е наведено дека новата индустриска стратегија на блокот не може да биде успешна без истовремени реформи на институционалната поставеност и функционирањето на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан