• недела, 01 септември 2024

Собрание на РСМ: Континуитет во пријателските односи и севкупната соработка со Куба

Собрание на РСМ: Континуитет во пријателските односи и севкупната соработка со Куба

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Љупчо Димовски, претседател на Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентите на земјите од Латинска Америка и од Карибите и членовите Аднан Незири, Рашела Мизрахи, Боби Мојсовски и Лидија Тасевска, денеска, остварија средба со новоименуваната амбасадорка на Куба, Мариета Гарсиа Хордан.

На почетокот од средбата, претседателот на Групата, Димовски, упати честитка до Хордан за именувањето за нова амбасадорка на Куба и преземањето на должноста, како и успешно извршување на работните обврски.

Земјава придава големо значење на натамошниот развој на пријателските односи и севкупната соработка со Куба, но исто така заинтересирани сме и за унаредување на соработката во сите области од заемен интерес, како и подигнување на динамиката на политичкиот дијалог на парламентарно нивно - рече Димовски.

Групата за соработка со Парламентите на земјите од Латинска Америка и од Карибите во Македонското собрание се формира во континуитет - посочи Димовски, притоа иницираше во иднина и соработка со Парламентот на Куба за формирање на соодветна група со цел воспоставување на поблиска парламентарна соработка.

Кубанската амбасадорка Хордан, како за прв состанок и впечаток, рече дека во нас гледа како на група многу добри пријатели, така и ќе продолжи, нашата земја и Куба повеќе од 20 години во однос на билатералните односи имаат направено многу, иако историската врска е подолга.

На средбата беше истакната и одличната соработка што двете земји ја имаат на мултилатерален план особено во рамки на ОН, како и заемно поддржување на кандидатурите за членство во различни тела на ОН.

Традиционалната кубанска точка-иницијативата за усвојување на Резолуцијата на Генералното собрание на ОН за прашањето за целосно укинување на економското ембарго на САД против Куба, континуирано ја добива поддршката од Северна Македонија.

Присутните едногласно го нагласија интересот за интензивирање на економската соработка, зголемување на обемот на билатералната трговија, како и потпишување на одредени билатерални договори во областа на економијата, културата, образованието, науката, туризмот, енергетиката, спортот и други. мч/аа/

фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан