• четврток, 26 декември 2024

Собранието ги донесе измените на Законот за субвенциониран студентски оброк

Собранието ги донесе измените на Законот за субвенциониран студентски оброк

Скопје, 26 април 2023 (МИА) - Собранието на денешната 111 седница го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство Моника Зајкова, Санела Шкријел, Боби Мојсовски, Даниела Николовска и Жаклина Лазаревска. Законот беше усвоен со 70 гласа „за“ и ниту еден „воздржан“ или „против“.

Во расправата пред гласањето, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, ги спомена забелешките и од комисиската расправа околу овој закон, односно за картичкиот систем и за зголемување сумата.

- И при комисиската расправа имавме две суштински забелешки – едниот беше за системот кој што се планира да се воведе, кој е картичниот систем и кој еднаш веќе бил како предлог да се воведе, но не успеал, затоа што претходниот пат ниту една банка не се пријавила на повикот на МОН, и втората забелешка покачување на сумата на 160 денари наместо досегашните 120 денари, рече Стојаноски.

Пратеничката од редовите на владејачката коалиција, Санела Шкријељ, во реплика рече дека не точно дека еднаш имало објавено повик за ваков картичен систем.

- Никогаш немало објавено јавен повик за ваков картичен систем. Причината зошто досега така течела исплата е затоа што во моментот кога требаше да стартува овој закон, се наоѓавме во сред пандемија, рестораните и останатите места не работеа и едноставно беше невозможно да се имплементира, така како што е замислено, а знам дека и вие го поддржувате тоа студентите да добија субвенција за здрав оброк, истакна Шкријељ.

Освен тоа, таа потврди дека дневната сума се зголемува од 120 на 160 денари и дека таа ќе се усогласува со инфлациската стапка после секоја фискална година. Според неа, ова е начин за да нема честа расправија околу сумата толку често, туку таа да се одредува според стапката на инфлација.

Таа додаде дека студентите ќе можат да ја користат субвенцијата од понеделник до сабота и дека со оваа измена, тие ќе можат да ја користат субвенцијата и за време на верските празници.

Претходно во Собранието беше донесен и Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032. сх/фф/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан