• недела, 24 ноември 2024

Синдикатот на УКИМ најавува медијација пред штрајк ако Владата не ги повика на средба за нивните барања

Синдикатот на УКИМ најавува медијација пред штрајк ако Владата не ги повика на средба за нивните барања
Скопје, 23 септември 2022 (МИА) - Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје очекува средба во Владата за исполнување на нивните барања и доколку таа не се реализира до крајот на идната недела, најавува медијација пред штрајк. Претседателот на Синдикатот, проф. д-р Ангел Ристов, вели дека минатиот месец им е најавена средба со премиерот, но сѐ уште не се повикани. - На средбата со премиерот ќе ги изнесеме нашите барања што ги имаме две години – потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да стигнеме на ниво од 100-процентно покачување, некоја достојна плата за вработените на најстариот и најголем универзитет, изјави Ристов за МИА. За овие барања Синдикатот на УКИМ на 2 јуни организираше предупредувачки протест пред Ректоратот и за крајот на тој месец планираше мирен протест пред Владата, но го откажа откако доби ветување од Владата дека нивните барања ќе бидат разгледани од министерствата за образование и наука и за финансии. - Од тогаш до денес немаме никаква информација. На 18 август ни е најавена средба, добивме одговор дека ќе бидеме побарани од премиерот за да разговараме во врска со барањата. Ние трпеливо ќе почекаме уште една недела и  доколку не бидеме повикани и нема никаков одговор, тогаш  ќе почнеме со медијација пред започнување штрајк. Тоа е еден правен лек кој ги интензивира преговорите на договорните страни. Тогаш има законска обврска договорната страна, конкретно Собранието, со посредник медијатор да ги отпочне или продолжи преговорите кои застанаа токму кај процентот на покачувањето на платите, рече претседателот на Синдикатот на УКИМ. Со Колективниот договор на СОНК, вели Ристов, незначително е покачувањето на платите во високото образование, по седум проценти минатата и оваа година. Смета и дека СОНК не е репрезентативен за високото образование зашто мнозинството од членството го влече од градинките и училиштата. - Тоа покачување е далеку од потребите. Ние десетици години наназад немавме никакви покачувања и платите речиси се приближија во основно и високо образование и една просечна плата е повисока од платата на еден доцент доктор на науки. Никаде во светот нема вакви плати во високото образование, и во регионот имаме најниски плати. Разбираме дека е тешка состојбата, меѓутоа тоа не значи дека мора веднаш. Сакаме да видиме дали од другата страна ги разбираат овие наши барања за конечно да биде потпишан колективен договор. Се разбира, кога ќе биде во можност буџетот, со следениот ребаланс итн. Но, мора да биде одговорено на нашите барања, не може да бидеме игнорирани две години, истакна Ристов. На 3 октомври е почетокот на академската 2022/2023 година и на прашањето дали  може да биде загрозено одржувањето на наставата, одговори дека и досега покажале оти не сакаат да разговараат со притисок, блокади и на штета на студентите. - Затоа и јунската сесија не беше блокирана, еве и септемвриската се одржува. Ние постоиме во интерес на студентите, но постојано повикуваме и на дијалог, додаде Ристов. хс/сп/

Остани поврзан