• среда, 20 ноември 2024

СЗО: Жените имаат повеќе здравствени проблеми поради алкохолот, дури и кога пијат помалку

СЗО: Жените имаат повеќе здравствени проблеми поради алкохолот, дури и кога пијат помалку

Женева, 8 март 2024 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) денеска ги повика националните влади во светот да го земат предвид полот кога развиваат политики за консумирање алкохол, предупредувајќи дека маркетингот во индустријата сè повеќе ги таргетира жените кои се соочуваат со поголеми здравствени ризици од мажите и од помалку алкохол.

Агенцијата на ОН со седиште во Женева соопшти дека има докази дека мажите, жените и малцинските групи се различно погодени од штетата поврзана со алкохолот и дека индустријата го прилагодила својот маркетинг за да таргетира различни полови. „Политиките за контрола на алкохолот во голема мера остануваат слепи за половите“, вели СЗО, повикувајќи ги владите да го земат предвид полот при дизајнирање контролни мерки.

Индустријата се повеќе користи родови пристапи за привлекување потрошувачи, истакнува СЗО, додавајќи дека е од клучно значење да се остане во чекор со овие променливи маркетинг тактики. По успехот во борбата против влијанието на другите производи, како што се цигарите, врз јавното здравје, СЗО сè повеќе го насочува вниманието кон решавање на прашањето за штетното дејство на алкохолот.

Светската здравствена организација ги нагласува студиите кои откриле дека индустријата сè повеќе ги таргетира жените - од пакувања до реклами кои ги нагласуваат аспектите на феминизмот или женското пријателство. Мажите се исто така цел на маркетинг кој ги нагласува традиционалните поими за мажественост и се изложени на поголем ризик од прекумерно пиење, развој на проблеми со алкохолот и вклучување во агресивно или ризично однесување, забележа СЗО. Но, жените претрпуваат поголема штета при пониски нивоа на консумирање алкохол.

ЛГБТК+ заедницата, исто така, се соочува со различни штети, често консумирајќи повеќе алкохол и има повеќе проблеми со зависност од хетеросексуалните луѓе, додека наследството на колонијализмот и економската маргинализација, исто така, ги ставија домородните народи во зголемен ризик, наведува СЗО.

Оваа организација посочува дека консумирањето алкохол е причински фактор за повеќе од 200 болести и повреди, меѓу кои и некои видови на рак, цироза на црниот дроб и кардиоваскуларни заболувања. ссм/

фото: пиксабеј

 

Остани поврзан