• недела, 30 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Се прошируваат капацитетите во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче за над 100 ученици

Се прошируваат капацитетите во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче за над 100 ученици

Скопје, 12 март 2025 (МИА) - Општина Аеродром издала одобрение за доградба и надградба на ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и со овој проект веќе е аплицирано на вториот јавен повик од Владата за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти.

В.д. градоначалникот, Дејан Митески го потпишал одобрението со кое најстарото училиште во Аеродром прв пат од своето постоење ќе добие проширување на капацитетите за над 100 ученици.

- Доградбата и надградбата опфаќаат 300 квадратни метри нова површина на постојното источно крило од училиштето, при што покрај трите нови училници и нова канцеларија, ќе бидат изведени нова кровна конструкција, внатрешна и надворешна столарија, нови подови, нова термичка фасада, целосно нова опрема, како и нови електрични, водоводни, термотехнички и противпожарни инсталации, соопштија денеска од Општина Аеродром.

Во централното училиште во Горно Лисиче учат околу 500 ученици, додека во подрачното училиште на ООУ „Гоце Делчев“ што се наоѓа во Долно Лисиче настава посетуваат речиси 200 деца.

Општина Аеродром, се додава во соопштението, е фокусирана на проширување на капацитетите и на подобрување на условите како во училиштата, така и во детските градинки. Периодов интензивно се работи на капиталните проекти за доградба и надградба на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, како и на доградба и надградба на објектот „Изворче“ во Стар Аеродром во рамките на градинката „Срничка“. цр/ац/

Фото: Општина Аеродром

Остани поврзан