Семинар за традиционална музика и игра во Куманово
- Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово денеска и утре ќе се одржи четвртиот семинар за традиционална музика и игра „Глобалното кај локалното“. Семинарот почнува во 18 часот во големата сала на Центарот. Целта е афирмација на традиционалната култура, запознавање и доближување до младата популација, афирмацијата на младите уметници, како и стручни усовршувања на носителите на дејноста.

Куманово, 8 април 2025 (МИА) - Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово денеска и утре ќе се одржи четвртиот семинар за традиционална музика и игра „Глобалното кај локалното“. Семинарот почнува во 18 часот во големата сала на Центарот. Целта е афирмација на традиционалната култура, запознавање и доближување до младата популација, афирмацијата на младите уметници, како и стручни усовршувања на носителите на дејноста.
-Годинашниот семинар „Глобалното кај локалното“ ќе биде вистинско доживување за младата популација во Куманово и пошироко. Дебата, дискусија, методологија, критика ќе биде основата на овој семинар. Што значи орото Поступано за северното играорно подрачје, гајдата како инструмент во Брсјачката етнографска целина, што значи групата Костурчанки, празникот „Четересе“ во градот Штип, што значи да се обработи и постави обред на сцена, се едни од темите за дискусија на првиот ден од семинарот. Накратко, глобалните сегменти како влијаат на локалните, изјави етнокореологот Дени Синадиновски.
Во вториот, практичниот дел на семинарот, ќе бидат обработени најкарактеристичните ора од сите пет игроорни подрачја Копачка, Беранче, Тешкото и Поступано. Семинарот за традиционална музика и игра ќе понуди од базични етнолошки и етнокореолошки информации до врвни научни дострели по прашање на овие науки.
Семинарот изминатите години ги опфати темите „Од Средорек до Дурачка Река“, „Шопци/Которци“ и „На куде Скопје“. Реализацијата е поддржана од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес. ам/мд/
Фото: МИА и НУЦК