• недела, 01 септември 2024

Севернокорејскиот лидер повика на јакнење на военото одвраќање на „попрактичен и поофанзивен“ начин

Севернокорејскиот лидер повика на јакнење на военото одвраќање на „попрактичен и поофанзивен“ начин

Пјонгјанг, 11 април 2023 (МИА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повика на зајакнување на военото одвраќање на „попрактичен и поофанзивен“ начин за да се спротивстави на, како што рече агресијата на САД и Јужна Кореја, објави денеска државната новинска агенција КЦНА.

Ким ја даде изјавата на вчерашниот проширен состанок на Централната воена комисија, на кој се разговарало за тековните напори за зајакнување на военото одвраќање за да и се помогне на земјата „да се справи со ескалирачките потези на американските империјалисти и јужнокорејските марионетски предавници да почнат агресивна војна“, пренесува КЦНА.

Северна Кореја жестоко реагираше на неодамнешната серија заеднички воени вежби на сојузниците, за кои КЦНА наведе дека имале за цел подготовка за „сеопфатна војна“ и го поттикнале Пјонгјанг да истражува „силни практични дејствија“, вклучително и воени опции.

Ким нареди натамошно зајакнување на военото одвраќање „со сè поголема брзина“ и на „попрактичен и на поофанзивен“ начин, наведе севернокорејската агенција.

Јужна Кореја и американските сили спроведуваат годишни пролетни вежби од март, вклучувајќи воздушни и поморски вежби во кои учествуваат американски носач на авиони и бомбардери Б-1Б и Б-52.

Северна Кореја, исто така, спроведе различни воени активности во последниве недели, откривајќи нови, помали нуклеарни боеви глави, тестирајќи, како што го нарече, подводно јуришно беспилотно летало способно да носи нуклеарно оружје и да истрела интерконтинентална балистичка ракета способна да погоди каде било во САД. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан