• сабота, 23 ноември 2024

САД повикуваат на отворање истрага за убиствата на цивили во регионот Ахмара во Етиопија

САД повикуваат на отворање истрага за убиствата на цивили во регионот Ахмара во Етиопија

Адис Абеба, 9 февруари 2024 (МИА) - САД бараат истрага за наводниот масакр на цивили во регионот Ахмара во Етиопија, каде локална организација наведува дека во судирите меѓу армијата и вооружените групи минатата недела загинале повеќе од 80 лица.

Американскиот амбасадор во Етиопија, Ервин Масинга, денеска изјави дека владата на неговата земја е „длабоко загрижена“ од извештаите од градот Мерави и бара „непречен пристап од независни набљудувачи, како и непристрасна истрага за да се осигура дека сторителите се изведен пред лицето на правдата“.

Во соопштението на Амбасадата се наведува дека извештаите за убиства на цивили во Мерави доаѓаат по „вознемирувачките вести за други злосторства“ во регионот Ахмара и на други места во Етиопија, која е зафатена од внатрешни конфликти во последниве години.

Во април минатата година во регионот Ахмара избувна бунт кога централната влада ја објави својата намера да ги распушти регионалните паравоени сили и да ги спои во федералната армија. Милитантната група наречена Фано во август изврши ненадеен напад врз безбедносните сили, заземајќи неколку градови во Ахмара, пред да се повлече.

Хуманитарните организации документираа голем број прекршувања на човековите права од страна на владините сили, вклучително и бројни наводни вонсудски егзекуции.

Етиопскиот Комитет за човекови права во вторникот соопшти дека добил извештај што „индицира дека се извршени масовни прекршувања на човековите права“ за време на борбите во градот Мерави на 29 јануари, во кои беа убиени повеќе од 80 цивили, главно мажи.

Организацијата наведе дека убиствата биле извршени „во куќи“ при претреси. Меѓутоа, таа не го посочи одговорниот за злосторството, соопштувајќи дека тие биле спречени да го посетат местото каде што наводно се случил масакрот и повика на дополнителна истрага.

Минатата недела, парламентот на Етиопија гласаше за продолжување на вонредната состојба во регионот Ахмара во обид да се задуши бунтот на силите Фано. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан