• четврток, 26 декември 2024

Ромео од Неготино тагува по својата Јулија 

Ромео од Неготино тагува по својата Јулија 
Неготино, 9 октомври 2022 (МИА) - Ромео тагува по својата Јулија. Туристичкиот потенцијал на Неготино има неверојатна „љубовна приказна". Интересно, во неа, главни актери не се луѓе, туку две дрвца, гинкго билоба. Си биле еднаш во минатото своевидните Ромео и Јулија, ете така започнува приказната што се уште малкумина ја знаат. Река од народ секојдневно поминува низ строгиот центар на Неготино, а ретко кој се заинтересирал нешто повеќе за убавото стебло со крошна, што им пркоси на климатските промени низ годините. Освен што, речиси сите што поминуваат оттука, се радуваат што ете постои и го разубавува просторот, им прави сенка во жешките летни денови. Додуше, има и такви коишто знаат дека лисјата може да се употребуваат за чај во медицински цели, ни дава кислород,  штити од прашина. - Нашите сознанија говорат дека пред неколку децении, политичар по потекло од Неготино кој бил на висока функција во поранешна Југославија, од кинеска делегација, на подарок добил две садници гинкго. Садниците ги пратил да бидат посадени во Неготино. Но, за жал, во Скопје, прсти замешал жител на друг македонски град, земал еден садник и го насадил во неговото родно место. На неготинска почва, корени пуштил машкиот садник. Или, како што, ние, со позитивна енергија коментираме, неготинци го добиле своевидниот Ромео, разделен од својата Јулија. Садниците биле разделени. А само кога се во пар, тогаш се комплетни и можеме да ги видиме плодовите на овие, долговечни и отпорни дрвца, тогаш многу ретки на овие простори, раскажа за МИА, Сашко Тодоров, претседател на Здружението за заштита на природата, „Ековита" од Неготино. Тодоров, кој е дипломиран инженер по биологија, се присети дека неколку пати во изминатиот период, постоела опасност ова стебло да биде уништено поради различни урбанистички причини. Но, биолози застанале во негова одбрана и не дозволиле да биде исечено. - Пропустот од минатото не можеме да го поправиме, колку и да посакуваме. Ако е за утеха, ние екологистите, пролетва посадивме над 50 садници од видот гинкго. На тој начин, барем се обидовме да ја исправиме грешката од едно минато време, децидно е Тодоров. Тој беше категоричен дека ваквите дрвца се вистинско богатство и е неопходно да ги има во што поголем број. Затоа што, како што додаде, тие се како бели дробови за еден град. Со нив, нагласи, градот полесно „дише". Ако се работеше за луѓе, сега ќе зборувавме за разделба, копнеж, неостварени желби,  нереализирана љубов. За тоа, дека таму некаде, можеби,  некоја Јулија, се уште го чека својот Ромео. Но, станува збор за дрвца.  А ова стебло деновите ги минува во Неготино, како нем сведок на тажните и среќните моменти на неготинци. Ех, кога би можело да зборува, па да ни ја открие неговата вистинска животна приказна. Ќе има и што да чуеме. Светлана Дарудова

Остани поврзан