Ричлиев најдобар спортист на Струмица за 2024 година
- Одбојкарскиот репрезентативец и член на ОК Струмица, Ефтим Ричлиев, е прогласен за најдобар спортист на Струмица за минатата година на синоќешната манифестација што се одржа во организација на Општинскиот сојуз на училишни спортови и под покровителство на општината.

Струмица, 25 февруари 2025 (МИА) - Одбојкарскиот репрезентативец и член на ОК Струмица, Ефтим Ричлиев, е прогласен за најдобар спортист на Струмица за минатата година на синоќешната манифестација што се одржа во организација на Општинскиот сојуз на училишни спортови и под покровителство на општината.
Второто место го освои фудбалерот Мартин Ѓоргиевски, член на Брера Струмица, а третото место одбојкарката на Струмица жени, Елена Пандева.
За најдобра екипа е прогласена ОК Струмица, а најдобар спортист во млади категории е одбојкарот Јован Милев, член на ОК Струмица, а најдобра екипа во млади категрии во екипен спорт се младинците на Брера.
Најдобар тренер во сениорска конкуренција во екипен спорт е стратегот на ОК Струмица, Кирил Ричлиев, а најдобар тренер во млади категории е Тони Атанасов од Брера Струмица.
Најдобар спортист во индивидуален спорт е Антонио Ташков од Тим Зоран, а Александар Делиовски, исто така од Тим Зоран е најдобар спортист во млади категории во индивидуален спорт.
За најдобар тренер во индивидуален спорт е прогласен Зоран Спасов од КБК Тим Зоран.
Најдобра екипа во масовен спорт е Училишно спортскиот клуб Гимеко спорт при СОУ „Јане Сандански“, а најдобар спортист во масовниот спорт е одбојкарот Трајче Коцев од СОУ „Јане Сандански“.
Манифестацијата за избор на спортист на Струмица се одржа по 62 пат, а наградите и призанијата на најдобрите им ги врачија градоначалникот Костадин Костадинов и членови на Советот. рт/зс/
Фото: Општина Струмица