• среда, 25 декември 2024

Ристовски: Спортот е алатка која гради вистински вредностите на почитување, инклузивност и заедништво

Ристовски: Спортот е алатка која гради вистински вредностите на почитување, инклузивност и заедништво

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Спортот е алатка која гради вистински вредности на почитување, инклузивност и заедништво, порача денеска министерот за спорт, Борко Ристовски за време на отворањето на Меѓународниот турнир во фудбал и пливање за лица со Даунов синдром и лесна попреченост, што се одржува во Скопје.

На турнирот што го организира Сојузот на спортски федерации на Македонија во соработка со Министерството за спорт настапуваат 45 учесници од екипите од Македонија, Србија и од Бугарија.

-Овој настан не е само спортска манифестација, туку вистинско сведоштво за силата и за упорноста без разлика на предизвиците со кои се соочуваме. Како министер за спорт, сакам да истакнам дека Министерството за спорт со гордост стои зад овој настан. Нашата поддршка не е само финансиска, туку и длабоко морална и општествена. Веруваме дека сите луѓе, заслужуваат еднакви можности за учество во спортот, рече Ристовски.

Тој истакна дека Министерството за спорт ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи.

-Секој од вас тука е победник, зашто вашето учество на овој турнир е победа за вас, за вашите семејства, и за нашето општество во борбата и заложбата за еднаквост и инклузивност. Ќе продолжиме да поддржуваме вакви иницијативи, затоа што веруваме во вас, веруваме во вашите способности и во вашата волја, рече Ристовски во обраќањето до учесниците и организаторите на турнирот.

Во рамките на денешните активности, Ристовски присуствува и на Отворениот ден на Специјална Олимпијада Македонија, настан на кој ја нагласи важноста на спортот во градењето на инклузивно општество. Министерот за спорт денеска ќе ги поздрави и младите ватерполисти учесници на Меѓународниот ватерполо турнир „Скопје 2024“ што се одржува на базенот во СЦ „Борис Трајковски“.бт/ев/

Фото: Министерство за спорт

Остани поврзан