Ристески: Покачувањето на плата на јавната администрација треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба во Македонија
- Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески коментирајќи ги денешните протести на вработените во јавна администрација вечерва нагласи дека доколку биле исцрпени сите демократски инструменти во претходниот период, немаше да мислиме дека зад тоа нема некоја политичка позадина.
Скопје, 14 јануари 2025 (МИА) - Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески коментирајќи ги денешните протести на вработените во јавна администрација вечерва нагласи дека доколку биле исцрпени сите демократски инструменти во претходниот период, немаше да мислиме дека зад тоа нема некоја политичка позадина.
- Доколку беа исцрпени сите демократски инструменти во претходниот период и разговори, навистина немаше да мислиме дека зад тоа нема некоја политичка позадина. А, вака сомнежот е голем дека зад сето ова има некоја политичка позадина што не е добро, бидејќи преку синдикатите се злоупотребуваат вработените. Имаме еден многу добар и транспарентен однос и јас не гледам причина зошто низ претходен дијалог и разговори во самите министерства, со УПОЗ и со Синдикатот, да дојдеме до некои заедничко решение. Меѓутоа, најдобро би било тоа да се одвива во рамки на Економско социјалниот совет. Факт е дека навистина платите во одделни институции и министерства се пониски и не содејствуваат со економската состојба во Македонија. Меѓутоа, начинот на кој што се изразува тоа незадоволство како што го видовте денеска преку УПОЗ, истите мислам дека е недозволиво бидејќи навистина има поразлични методи и мерки да се дојде до вистинската цел. Ние како Влада покажавме и докажавме во претходниот период дека сме доста транспарентни и отворени, имаме голем број на комуникации со сите синдикати во Македонија и посебно со УПОЗ. Претходно имавме два Економски социјални совети на кои што не беше истакнато такво нивно барање за покачување на плата од 30 отсто, рече Ристески вечерва на „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Заменик-министерот за економија потенцира дека во наредниот период ќе има покачување на платата и посочи дека секогаш покачувањето на плата на јавната администрација треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба во Македонија.
- Јас да напоменам дека во наредниот период ќе има покачување на платата и секогаш покачување на плата на јавната администрација треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба во Македонија. Но, тука ќе треба и зголемување на продуктивноста на трудот и зголемување на продуктивноста на административните услуги спрема граѓаните, бидејќи ние не треба да заборавиме дека сепак јавната администрација е сервис на граѓаните. Ако земеме во претходниот период зошто е дојдено до ваква ситуација. Претходната Влада правејќи одредени ад-хок решенија и политиканство, има склучено неколку колективни договори спрема некои други закони во одредени институции, мислам во Министерството за финансии. Денеска неправично во неповолна ситуација се доведени вработените во јавната администрација кои работат во различни институции. Денес имаме ситуација кога на исти работни позиции во различни институции или министерства, вработените земат различна плата со таквите штетни колективни договори кои се правени направени без никаква претходна анализа, договор и дијалог, ниту со одобрување од страна на Министерството за финансии бидејќи за тоа не биле обезбедени претходно финансиски средства, што укажува на незаконитоста во донесувањето на тие колективни договори, рече тој.
Предизвикот на оваа Влада, потенцира Ристески, е да направиме едно системско решение на долг рок каде ќе бидат хармонизирани платите по исти позиции во различни институции во јавниот сектор во државата. Посочи дека покажуваат голем интерес за донесување на законот за државните службеници, во кој закон, како што рече, ќе бидат регулирани коефициентите и сите поволности што ќе ги нуди законот за вработените во јавниот сектор, како донесување на 13-та плата, К15 итн.
Ристески смета дека „Новогодишната кошничка“ имала ефект затоа штоа, како што рече, видовме дека во текот на годината е постигната основната цел, а тоа е да го задржиме степенот на инфлација да биде 3,5 отсто на крајот на годината. Најави дека утре на состанокот закажан во Стопанската комора ќе ги сумираат резултатите од „Новогодишната кошничка“ и ќе ги договараат следните мерки. Упати апел до сите трговци барем основните прехранбени производи кои се најпотребни за трпезите на македонските граѓани да ги остават со исти цени. На утрешната средба ќе побараат да не дојде до ценовни шокови.
Ристески истакна дека доколку се види нагло покачување на цените на основните прехранбени производи, тогаш ќе бидат приморани да ги замрзнат цените.
-Доколку осетиме нагло покачување на цените на одредени производи, тогаш ќе бидеме приморани да применуваме најнепопуларни мерки, со кои ќе има замрзнување на цените на одредени прехранбените производи. Се надевам дека нема да дојде до тоа. Тие треба да имаат степен на општествена одговорност спрема граѓаните. Не треба да дозволиме ниту бизнис секторот, ниту Владата, да имаме вештачко покачување на цени, инфлација, што ќе се одразува негативно по џебот на граѓаните, рече Ристески.фф/цр
Фото: Принтскрин од видео