Конвенција на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски
- Претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски, кој се трка за втор мандат за шеф на државата на претстојните претседтелски избори денеска ќе одржи Конвенција, на која ќе ја претстави изборната програма.
Скопје, 2 април 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски, кој се трка за втор мандат за шеф на државата на претстојните претседателски избори денеска ќе одржи Конвенција, на која ќе ја претстави изборната програма.
На 4 април почнува изборната кампања за седмите претседателски избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати. Парламентарните избори се на 8 мај, кога ќе се гласа и за втор круг од претседателските избори.
Според минатонеделното жребување во Државната изборна комисија во присуство на претставници на подносителите на кандидатурите, Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ и коалицијата ќе биде прв на листата, втора е Гордана Силјановска Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ, четврт е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Европскиот сојуз за промени и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.
-Во изминативе пет години, заедно градиме демократско и граѓанско општество. Така, обединети, и ќе продолжиме. Почнувајќи од утревечер, пред граѓаните ќе ја презентирам програмата за следните пет години. Продолжуваме да градиме општество кое ќе се темели на европски вредности, објави вчера на Фејсбук Пендаровски.
Откако на Конгресот на СДСМ на почетокот на март доби поддршка за нов претседателски мандат изјави дека широкиот фронт на поддршка не е само чест, туку и обврска за посветена, чесна и храбра кампања и извојување на нова победа.
Пендаровски, како што најави неговиот изборен штаб, планира во текот на кампањата големо присуство на терен и освен поголемите митинзи во градовите, предвидени се многубројни средби со граѓани. За време на кампањата планирано е Пендаровски да посети најмалку 60 населени места.
Тој на неговите противкандидати им предложи две мастер дебати на почетокот и на крајот на кампањата, на кои тие ќе може да ги изнесат своите ставови, со кои ќе ја бараат поддршката на граѓаните.
Изборниот штаб на Пендаровски минатата недела брифираше дека изборните штабови на другите претседателски кандидати постигнале начелен договор за одржување на мастер дебата на неутрален терен, со неутрални модератори. Сите штабови дале начелна согласност за идејата, но сè уште се усогласуваат некои технички детали. Исто така, потврдено е дека нема да има исклучување на кандидати од дебатата, без оглед на барањата од некои кандидати за изземање на своите ривали.
Дебатата, ќе биде организирана од страна на изборните штабови, а дополнително ќе се оствари средба со медумите, за да се изнајде решение за начинот на кој ќе се реализира оваа идеја. Секоја партија ќе има можност да донесе своја публика, а сите медиуми ќе можат да вршат пренос во живо. ац/ев/
Фото: МИА архива