Реновирани ученичките тоалети во ООУ „Ѓорче Петров“
- Во ООУ „Ѓорче Петров“ во Општина Ѓорче Петров завршена е целосна реконструкција и реновирање на ученичките тоалети, со што значително се подобрени хигиенските и функционалните услови во училиштето.
Скопје, 2 март 2026 (МИА) - Во ООУ „Ѓорче Петров“ во Општина Ѓорче Петров завршена е целосна реконструкција и реновирање на ученичките тоалети, со што значително се подобрени хигиенските и функционалните услови во училиштето.
Како што соопшти Општината, реконструкцијата опфати нов и функционален распоред, приспособен на потребите на сите ученици, вклучително и на учениците со попречености.
-Зафатот опфати еден тоалет за лица со попречености, едно трокадеро, четири женски кабини (две стандардни и две прилагодени за помали деца), три машки кабини (две стандардни и една приспособена за помали деца), четири писоари (два на стандардна висина и два пониски за помали деца) и по три мијалници во машкиот и женскиот тоалет, како и во тоалетот за лица со попречености. Со оваа инвестиција се создадени подобри, побезбедни и похигиенски услови за учениците, како и современ санитарен простор што одговара на нивните реални потреби, соопшти Општина Ѓорче Петров.
Општината наведува дека и натаму ќе продолжи со активности за подобрување на условите за настава и престој во училиштето, нагласувајќи дека вложувањето во училишната инфраструктура е вложување во здравјето и безбедноста на учениците. хс/вг/
Фото: Општина Ѓорче Петров