• петок, 26 јули 2024

Рекордна заплена на метамфетамин во Холандија – повеќе од три тони

Рекордна заплена на метамфетамин во Холандија – повеќе од три тони

Хаг, 25 јули 2024 (МИА) – Рекордна заплена на повеќе од 3.200 килограми метамфетамин, со пазарна вредност од 22,4 милиони евра, беше извршена на почетокот на март во пристаништето во Ротердам, соопшти денеска јавното обвинителство на Холандија и додаде дека биле потребни неколку месеци дрогата да биде успешно уништена.

Дрогата била откриена од цариници при проверка, а била скриена во огромни кеси од Мексико, во кои имало и некои загадувачи, се вели во соопштението на јавното обвинителство.

- Дрогата била скриена во песочна супстанца силно контаминирана со бакар и PFAS, познати како „вечни загадувачи“ кои се речиси неуништливи, се додава во соопштението во кое се наведува дека долго време се барало решение за уништување на дрогата заедно со загадувачот.

Обвинителството соопшти дека поради тоа, дрогата била уништена дури минатата недела.

Ова е досега најголемата заплена на оваа синтетичка дрога во Холандија.

Метамфетаминот е стимуланс кој припаѓа на семејството на амфетамини. Неговата хемиска структура е слична на онаа на амфетаминот, но неговите ефекти се два до пет пати поинтензивни и долготрајни, со поголема можност за зависност.

Оваа синтетичка дрога се продава во форма на кристали, прав, капсули или таблети, а под различни прекари – „јаба“, „ајс“ или „кристал мет“. јт/

Фото: Пиксабеј илустрација

Остани поврзан