• петок, 26 јули 2024

Израел ја предупреди Франција за потенцијални терористички напади

Израел ја предупреди Франција за потенцијални терористички напади

Тел Авив, 25 јули 2024 (МИА) – Израел денеска ја предупреди Франција за потенцијални „терористички напади“ врз нејзините спортисти и туристи од терористички групи поддржани од Иран за време на Олимписките игри во Париз.

- Некои луѓе се обидуваат да му наштетат на овој радосен настан, и напиша израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, на својот француски колега Стефан Сежурн.

- Во моментов имаме проценки за потенцијални закани од ирански терористички групи и други терористички организации кои имаат за цел да извршат терористички напади врз членовите на израелската делегација и израелските туристи за време на Олимписките игри, додаде Кац.

Франција воведе обемен безбедносен систем за гарантирање на безбедноста за време на Олимпијадата од 26 јули до 11 август.

Сите израелски спортисти кои ќе учествуваат на Олимпијадата, која официјално почнува утре, ќе имаат 24-часовно лично обезбедување од елитната француска полиција, како во олимпиското село, така и кога ќе го напуштат кампусот.

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах и францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот го отфрлија палестинското барање на Израел да му се забрани да учествува на Олимпијадата поради војната во Газа.

Палестинскиот олимписки комитет повика на забрана на израелските спортисти од Олимпијадата, велејќи дека бомбардирањето во Појасот Газа е кршење на олимпиското примирје. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан