• четврток, 09 јануари 2025

Реконструирано фудбалско игралиште во Неготино пуштено во употреба

Реконструирано фудбалско игралиште во Неготино пуштено во употреба

Неготино, 8 јануари 2025 (МИА) - Реконструирано фудбалско игралиште во Неготино денеска официјално беше пуштено во употреба. Како што беше истакнато, станува збор за фудбалско игралиште изградено со вештачка трева по ФИФА стандарди и има трибински простор со 100 седишта. Од Министерството за спорт беше кажано дека се работи за еден од проектите за подобрување на спортската инфраструктура.

Министерот за спорт Борко Ристовски рече дека создаваат услови за најмладите, нешто што за нив е многу важно. Тој посочи дека не може да се бараат резултат и зголемување на интересот на децата за фудбал, доколку не им бидат создадени услови за тоа.

- Ова е една наша акција што ќе продолжи и во иднина. Ќе реконструираме што е можно повеќе спортски игралишта низ целата држава. Мислиме и цениме дека тоа е патот по кој треба најпрво да се развива рекреативниот спорт, затоа што ова, најнапред има големо значење на локално ниво. Меѓутоа, тоа понатаму, во блиска иднина има и на централно ниво, затоа што ние најпрво треба да направиме една масовност кај дечињата, да создадеме услови за што е можно повеќе деца да се занимаваат со спорт, а потоа од таа масовност и од тој квантитет, да побараме и квалитет, потенцираше Ристовски.

Неготинскиот градоначалник Горан Стојанов рече дека министерот го препознал Неготино како еден центар за развивање млади таленти.

- Тука сме заедно со министерот за спорт за да го отвориме реконструираното игралиште во населбата „Саат кула“. Ова игралиште е реконструирано по ФИФА стандарди. Самата вештачка трева е направена по ФИФА стандарди, така да, овде може да се играат натпревари во кое било време на денот и во кое било време во текот на годината, нагласи Стојанов.

Градоначалникот изрази надеж дека добрата соработка со министерот ќе продолжи и во иднина. свд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан