• вторник, 03 февруари 2026

Реиздание на „Писма“ од Игор Исаковски

Реиздание на „Писма“ од Игор Исаковски

Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Издавачката куќа „Или-или“ повторно го објави изданието „Писма“ - дебитантската проза од Игор Исаковски (1970 - 2014). Книгата првпат е објавена во 1991 година во издание на „Книжевна младина на Македонија“.

- По 35 години, една од „најскопските“ книги повторно заживува и меѓу новата генерација домашни читатели. По собраната поезија на едно место (десетте стихозбирки) во луксузното издание со наслов „Совршен поет“, кое издавачката куќа „Или-или“ го промовира минатата есен, „Писма“ е одлично надоврзување на тој издавачки потег бидејќи Исаковски се претставува во неговата суштинска форма, на почетокот од пишувачката авантура, кога и го најави својот несомнен талент - соопшти „Или-или“ по повод реизданието. 

Уредникот на издавачката куќа Игор Анѓелков во поговорот од книгата напиша дека таа „три и пол децении трпеливо чека читање и препрочитување, како и превреднување на нештата“.

- Бидејќи добрата литература го прави токму тоа - таа не старее и никогаш не губи од својата релевантност и вредност. На реизданието на „Писма“ можеме да гледаме како на потсетник дека книжевната сцена кај нас одвреме-навреме знае(ла) да изнедри авторски глас, кој на автентичен начин го обликува(л) современието, а Исаковски тоа го правеше во текот на целиот свој креативен живот. Оваа драгоцена книга е потсетник на еден град кој живееше 24/7, на едни луѓе што ги знаеја сите негови светли и темни сокаци и на еден автор кој сето тоа го обликуваше во книжевен бисер што живее за век и веков - вели Анѓелков. хс/дма/

Фото: корица / „Или-или“

Остани поврзан