• среда, 04 февруари 2026

Драмскиот театар со претставите „Плејбои...“ и „Кармен“ утре гостува на фестивалот РУТА во Љубљана

Драмскиот театар со претставите „Плејбои...“ и „Кармен“ утре гостува на фестивалот РУТА во Љубљана

Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Драмскиот театар - Скопје утре гостува во Љубљана во рамките на фестивалот РУТА со две претстави - „Кармен“ и „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме - нашето не го даваме“.

Во копродукциската претставата „Плејбои...“, работена по текст на Душан Јовановиќ, во режија на Иван Пеновиќ, играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. По премиерата во август минатата година во Будва, претставата гостуваше на летните сцени на Охридско лето и на Бриони, а потоа се играше на фестивалите РУТА во Скопје и во Белград. Гостувањето во Љубљана ќе биде дванаесеттата изведба на оваа претстава.

Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска на фестивалот РУТА во Љубљана ќе ја изведе монодрамата „Кармен“, работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“, од шпанскиот писател Мигел Делибес. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. Монодрамата од својата премиера во 2021 година има 47 изведби и учество на повеќе меѓународни театарски фестивали.

Како фестивалска активност и на словенечкиот фестивал РУТА, по изведбите на претставите, се организираат разговори со уметниците. Оваа година тркалезните маси ќе ги водат драматурзите Петра Погоревц и Нина Куцлар-Стиковиќ. Основната цел на фестивалот РУТА иницирана уште од самиот почеток на соработката се потврдува и на овој фестивал со зајакнувањето на културните врски и надминувањето на националните граници во создавањето простор за нови уметнички соработки. Со текот на годините фестивалот стана препознатлив настан, кој не е само прослава на театарот туку и можност уметниците, техничките тимови и театарската публика на едно место да ги разменат своите искуства и да иницираат нови проекти.

Местно гледалишче љубљанско (МГЛ) помеѓу 29 јануари и 4 февруари 2026 година петти пат е домаќин на РУТА - регионалниот театарски фестивал. Како што информира Драмски, овој ревијален фестивал од 2019 година секои два месеца обединува шест театарски куќи од регионот на фестивалската сцена. Драмскиот театар - Скопје, сараевскиот Камерни театар 55, Београдското драмско позориште, Казалиште „Улисис“ од Загреб, Центарот за култура од Тиват (Црна Гора) и домаќинот - Местно гледалишче љубљанско (МГЛ), пред словенечката публика ќе се претстават со копродукцијата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме - нашето не го даваме“ и со претстави од драмската продукција на матичните куќи, во кои играат реномирани театарски и филмски имиња од регионалниот културен простор. мч/вј/

фото: Драмски театар - Скопје

 

Остани поврзан