• петок, 27 декември 2024

Регионална конференција за подобрување на вработувањето на младите во Западен Балкан

Регионална конференција за подобрување на вработувањето на младите во Западен Балкан
Скопје, 7 април 2022 (МИА) - Идните стручни вештини, вработувањето на младите и можностите за претприемништво се теми на денешната регионална конференција „Вештини за идни работни места / Skills For Future Jobs“, на која домашни и меѓународни експерти ќе ги презентираат најновите наоди од истражувања и ќе споделат практични искуства за тоа како да се поврзат вештините со идните работни места врз основа на  потребите и очекувањата на пазарот на трудот. Конференцијата ја организираат Министерството за образование и наука и Стопанска комора на Северна Македонија, со поддршка на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“ и Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Министерот Јетон Шаќири рече дека со настанот почнува реализацијата на регионална иницијатива чија цел е подобрување на вработувањето на младите во Западен Балкан  преку стекнување на потребните компетенции за работа и поврзување на образованието со пазарот на трудот. -Идејата е да создадеме платформа на експерти од сите земји кои ќе соработуваат, ќе разменуваат искуства и ќе им помагаат на земјите кои ги претставуваат во намерите за создавање кадровски потенцијал токму онаков каков што му е потребен на стопанството. Се надевам дека конференцијата ќе биде успешна, имаме голем број говорници и учесници од земјава и од регионот. Посакувам ова да биде почеток на успешна приказна и конференцијата да биде традиција секоја година во Скопје. Секоја земја од регионот ќе има можност во иднина да биде домаќин на вакви случувања, а сите заедно ќе се потрудиме бројот на учесници постојано да се зголемува, рече Шаќири пред почетокот на конференцијата. МОН во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), стопанските комори, компаниите и локалните самоуправи во изминатиот период во општините организираше кампања „Учи паметно, работи стручно“ и тоа резултираше со зголемен интерес за отворање дуални паралелки во средните стручни училишта, чии ученици имаат практична настава со поддршка од приватниот сектор. Од 97 паралелки оваа година, за наредната учебна година нивниот број е зголемен на 223. Амбасадорка на Швајцарија Вероник Улман истакна дека е многу важно младината да најде можност за стручно вработување и искажа задоволство што Швајцарија помага и учествува во проектот кој, како што рече, веќе станува успешен зашто за оваа година ќе биде двојно зголемен бројот на ученици во дуалното образование. -Швајцарската Конфедерација ги поддржува МОН и Стопанската комора на РСМ преку наоѓање можности како да се поврзат стручното образование и потребите што ги има пазарот на трудот во државата. Преку дуално образование тие ќе најдат работа, стекнуваат шанса да научат нов занает. Всушност веќе и работат во компаниите, со што се овозможува бенефит и за компаниите, кои ги обучуваат младите кои утре ќе биде дел од работната сила во државата, рече Улман, додавајќи дека фактот што над сто луѓе денеска присуствуваат на регионалната конференција кажува дека е голем интересот за развивањето на овој проект. Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија Антони Пешев посочи дека Комората од 2007 година интензивно работи на воведување на дуалното образование и дека за нивните членки било јасно дека ако сака економски да се развива, државата пред сѐ мора да внимава на развојот на младата работна сила. -Без разлика дали ќе бидеме дел од ЕУ или не, ние нашата домашна работна мора да си ја завршиме. Мора да направиме систем кој ќе произведува доволно млади работници кои ќе бидат спремни да се справат со предизвиците на новата економија. Огромниот број странски директни инвестиции во Македонија е уште еден додатен мотив да направиме образовен систем кој ќе им овозможи на младите луѓе да се вклучат во производството веднаш по завршување на средното образование, без ограничување на можноста да продолжат во високото образование. Многу ми е драго што швајцарската влада и МОН ја разбраа оваа потреба и со заеднички напори успешно го туркаме системот во кој се вклучуваат сѐ повеќе млади луѓе. Македонија ова го проширува и регионално обидувајќи се да создаде поширок пазар на работна сила што ќе ги опфати земјите од Западен Балкан со што ќе се отворат перспективи за младите, рече Пешев. хс/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан