• четврток, 26 декември 2024

Реакција од неколку центри за социјална работа на изјавата на Велковски во врска со злоупотреби на системот за социјална заштита

Реакција од неколку центри за социјална работа на изјавата на Велковски во врска со злоупотреби на системот за социјална заштита

Скопје, 19 март 2024 (МИА) - Центрите за социјална работа од Битола, Прилеп, Валандово, Кавадарци, Пробиштип, Гостивар, Македонски Брод, Гевгелија денеска реагираат на изјавата дадена на вчерашната прес-конференција од техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, дека добил сознанија за злоупотреби на системот за социјална заштита со кои, според првичните информации, на 2.252 лица незаконски им биле исплаќани средства за социјална помош како и за социјална пензија, иако не ги исполнувале условите.

Во реакцијата бараат извинување за, како што наведуваат: „нарушување на интегритетот на нашите вработени, како директори го цениме трудот на вработените и никакви политички игри не смеат да ја навредат нивната професионалност. 

- Како директори јавно го искажуваме своето незадоволство од непромислените изјави на техничкиот министер, Велковски на вчерашната прес-конференција. За еден професионалец да работи во социјална заштита потребна е посветеност, толеранција и емпатија, чиста професионалност и информираност, а пред се знаење. Министер што не ги проверува информациите пред да ги каже во јавност, а притоа ги навредува сите вработени во институцијата каде моментално тој е на чело е целосно неприфатливо, се вели меѓу другото во соопштението од ЦСР.

Реакција вчера имаше и од кабинетот на Кабинетот на дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во која беа демантирани изјавите на техничкиот министер Велковски. 

- „Набрзо деновиве ќе ги имаме конкретните записници по овие констатирани податоци“ вака заврши непотребната и лажна прес-конференција на техничкиот министер Велковски за информации кои не се плод на неговата работа. Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази, излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството, пишува во демантот.

Како што појаснуваат од Кабинетот на Тренчевска, таа во јануари потпишала меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи, за размена на податоци за поседување моторно возило во реално време.

- Ваквиот меморандум, кој стапи на сила од февруари, е мерка за превенција од злоупотреба на системот за социјална заштита. Конкретно Велковски се служи со информации кои се дел од транспарентните одлуки на Тренчевска. Тука не се работи за непостапување на службениците од социјална заштита, туку за замајување на јавноста со нерелевантни податоци и засенување на видливите резултати од одлуките донесени од страна на СДСМ, се истакнува во демантот.

Пред потпишувањето на меморандумот, како што додаваат од Кабинетот на Тренчевска, податоците со МВР биле разменувани на месечно ниво со доставување на барање за проверка на информациите.

Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски вчера на прес-конференција меѓу другото наведе дека според сознанијата кои ги имал манипулацијата е системска, а во неа најверојатно биле вклучени повеќе лица.

- Во Министерството за труд и социјална политика сум веќе 50 дена и за овој краток период добив сознанија кои ни малку не се пријатни, а уште помалку влегуваат во рамката на законско постапување и совесно вршење на работните задачи и обврските. Досега ни се познати 2.252 исплаќања на сметките на корисници  кои по сила на законот не треба да ја примаат истата. Имаме првични сознанија дека забележана е и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што отвори голем сомнеж за извршени злоупотреби во институциите под надлежност на Министерството за труд и социјална политика, рече Велковски на прес-конференција. цр/ац/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан