• сабота, 23 ноември 2024

Работна средба на собраниската Комисија за економски прашања со претставници на Државниот завод за ревизија и на НДИ

Работна средба на собраниската Комисија за економски прашања со претставници на Државниот завод за ревизија и на НДИ

Скопје, 15 јули 2024 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика остварија работна средба со претставници од Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Националниот демократски институт (НДИ), на која се дискутирало околу продолжување и продлабочување на соработката меѓу Заводот и Собранието и можностите за разгледување на поединечни ревизорски извештаи во матичните работни тела на законодавниот дом.

Како што соопштија од собраниската прес - служба, претседателот на Комисијата, пратеникот Бојан Стојаноски, меѓу другото, искажал заинтересираност за разгледување во Собранието на Извештајот на ДЗР за ефикасноста на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри. Тој посочил дека станува збор за мошне сензитивна тема која бара утврдување превентивни мерки, со оглед на алармантноста на податоците за високиот индекс на одлив на мозоци од земјава.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски, пак, ја нагласил важноста од соработката на ДЗР со Собранието, како и со матичните работни тела по однос на одредени поединечни ревизорски извештаи, со оглед на тоа што, како што рекол, станува збор за трошење на јавните финансии. Тој, исто така, ја истакнал потребата од усвојување на новиот предлог-закон за државна ревизија.

Претставничката на НДИ Лидија Зафировска посочила дека соработката меѓу Собранието и ДЗР треба да биде континуирана и рутинска, како и да се базира на доверба, со цел да се обезбеди поголема контрола и отчетност на трошењето на јавните средства.

-Пратениците ја нагласија важноста од утврдување посебни механизми за следење на спроведувањето на препораките на ревизорите од извештаите за институциите чие работење е предмет на ревизија. Исто така, се апелираше на ажурност на надлежните институции, како Обвинителството или ДКСК, по однос на претставките што ги доставува ДЗР во поглед на воочените неправилности при одредени
ревизии, стои во соопштението. вг/са/

Фото: Собрание на РСМ 

Остани поврзан