Муцунски за МИА: Билатералната соработка со Грција има простори за развивање – постојат најави за потенцијални грчки инвестиции
- Потенцијалот за дополнително развивање на билатералната соработка со Грција во повеќе области, го истакнува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во разговор со дописничката на МИА за време на неговото учество на Економскиот форум во Делфи и открива дека се најавени неколку можни инвестиции од Грција.

Атина, 11 април 2025 (МИА) - Потенцијалот за дополнително развивање на билатералната соработка со Грција во повеќе области, го истакнува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во разговор со дописничката на МИА за време на неговото учество на Економскиот форум во Делфи и открива дека се најавени неколку можни инвестиции од Грција.
Шефот на дипломатијата присуствува на десеттиот јубилеен Економски форум во Делфи, што воедно за него е прво учество на традиционалната годишна конференција, а вчера се сретна со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, кој срдечно го пречека.
Муцунски во разговор со дописничката на МИА од Атина ја истакнува можноста за продлабочување на соработката и потсетува дека со шефот на грчката дипломатија веќе имаат остварено низа билатерални средби во рамките наголем број конференции на коишто присуствувале.
- Ние имаме добри меѓусебни односи, заедно разбираме колку значи да се биде меѓусебен чинител од гледна точка на НАТО земји-членки во еден регион кој што има свои специфичности. Сметаме дека меѓусебната билатерална соработка има многу простор за развивање, посебно во делот на енергетиката, во делот на инфраструктурата, но и меѓусебната политичка соработка. Така да беше една од повеќето позитивни средба и се надевам дека истата таква динамика ќе продолжи, посочи министерот.
Во однос на учеството на форумот, изразува задоволство бидејќи како што вели, станува збор за форум што ја спојува политиката со деловната заедница со цивилниот сектор, со учество на голем број на претставници од академската заедница, „што значи има еден сеопфатен пристап во делот на учесниците коишто се тука“.
- Остваруваме повеќе контакти кои не се насочени единствено кон политичките релации, туку и во делот на економските релации, на инвестициите. Имаме веќе најавени неколку потенцијални инвестиции од Грција кои очекуваме во следниот период да ги финализираме во нашата држава и од таа гледна точка би рекол дека имаше можност за позитивна дискусија, да разговараме за конкретни проекти и се повеќе да разговараме за она што не обединува како држави, објасни шефот на дипломатијата за МИА од Делфи.
Министерот Муцунски вчера учествуваше на панел-дискусија посветена на односите меѓу ЕУ и САД, говореше за европската перспектива на земјава, за проширувањето на Унијата, релациите со САД, за трансатлантската соработка, а неговото обраќање го започна со благодарност до Грција и грчкиот народ за помошта за нашата земја по трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, заблагодарување што со аплауз беше поздравено од присутните.
За проширувањето на Европската унија на Западен Балкан порача дека „не е неопходност за Унијата само од економски и трговски причини, туку е неопходност за политичка и безбедносна стабилност на европскиот континент“ истакнувајќи дека во ЕУ пости јаз меѓу ветувањата и исполнувањата.
- Пораката што ја испраќаме до Брисел и до земјите членки е дека е неопходно да се најде опиплив пат за Западен Балкан да оди напред и начин да се затвори јазот помеѓу обврските од една страна, многуте прозорци на можност што ни беа ветени во минатото, фраза што често се употребува, сега е можноста, сега е моментумот, но испораката од Европската Унијан секогаш недостигаше. Од оваа перспектива, она што би можел да го кажам е еден од најсилните опипливи поддржувачи на проширувањето на Европската унија отсекогаш биле Соединетите Американски Држави и е нешто што треба да го имаме предвид. Да, САД не се членки на ЕУ, но Соединетите држави имаат интерес во стабилноста на регионот, порача шефот на дипломатијата.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од Делфи заминува за Анталија каде што ќе учествува на меѓународна конференција, додека пак од Турција патува на средби во Луксембург. ср/ац/
Фото/Видео: МИА