• недела, 28 јули 2024

Работилници за младински иницијативи во Крива Паланка

Работилници за младински иницијативи во Крива Паланка

Крива Паланка, 13 јуни 2024 (МИА) - Во Европската куќа Крива Паланка денеска се одржа работилница во организација на Општина Крива Паланка на која младите предлагаа идеи и иницијативи за поддршка преку проектот "ReLoad 2", финансиран од Европската унија.

Крива Паланка е една од општините добитник на грант преку проектот што го имплементира Програмата за развој на обединетите нации, УНДП, а младите од градот низ втора сесија даваа предлог-идеи од кои, по нивна разработка и селекција, дел ќе бидат имплементирани и финансиски поддржани преку проектната програма.

-Општина Крива Паланка продолжува со активностите за поттикнување и афирмирање младинско учество. Преку оваа интерактивна работилница, втора во низа, младите од градот детектираа проблеми и предлагаа идеи за кои во претстојниот период ќе се изнаоѓаат модели да бидат целосно обработени со поддршка од граѓански организации и да се реализираат како иницијативи, што директно ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот на младите во градот и истовремено ќе ги инволвираат младите луѓе преку волонтерски активизам да бидат дел од целокупниот процес на реализација, за да бидат креатори и двигатели на самите активности од младите за младите, истакна Билјана Георгиевска, проект - координатор на "ReLoad 2", финансиран од Европската унија, имплементиран од УНДП.

Општина Крива Паланка во изминатите две години воспостави активна соработка со УНДП преку проектите што се реализираат во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2, (ReLOaD2).

-Преку ваквите програми се отвораат нови перспективи во стратешкото делување и создавање подобри услови за живот на младите во локалната заедница, посочи Даниела Милошевска, службеник за млади во Општина Крива Паланка.

Младите предлагаат: летно кино на отворено со придружна програма за млади, паинт-бал терен на спортскиот комплекс во Крива Паланка, простор за младински читателско-литературен клуб, простор за музички проби и формирање младински бенд...

Во претстојниот период ќе се одржат и онлајн консултации,ќе се доработуваат проектите, по што на следната работилница, кон крајот на месецот, избраните иницијативи ќе бидат усогласени до финална фаза, за имплементација. ид/аа/

Фото МИА 

Остани поврзан