• среда, 25 декември 2024

Путин им се заблагодари на учесниците на Самитот на БРИКС, истакна дека членките сакаат мир во Украина

Путин им се заблагодари на учесниците на Самитот на БРИКС, истакна дека членките сакаат мир во Украина

Казањ, 24 октомври 2024 (МИА) – Рускиот претседател Владимир Путин денеска им се заблагодари на учесниците на Самитот на БРИКС во Казањ за нивното учество и придонес во заедничката работа, додавајќи дека Русија ја чувствува поддршката од своите партнери од БРИКС, која, како што рече, не престанува по Самитот.

- За време на целото наше претседателство ја чувствуваме енергичната поддршка од нашите партнери, тоа е важно. Таа не завршува со крајот на самитот, рече Путин на прес-конференција по 16-тиот самит на БРИКС.

Путин изјави дека земјите од БРИКС договориле листа на земји партнери на сојузот и дека ќе испратат предлози до голем број земји да учествуваат во сојузот како земји партнери.

- Некои учесници на самитот на БРИКС поднесоа барање за целосно учество во организацијата, рече Путин на прес-конференција на која присуствуваа повеќе од 300 новинари.

Тој истакна дека земјите-членки на БРИКС се посветени на што поскоро завршување на конфликтот во Украина, додавајќи дека многу од нив ги поддржуваат иницијативите на Кина и Бразил за мирен крај на конфликтот.

Путин оцени дека акциите на Русија не доведоа до ескалација на ситуацијата во Украина, туку „државниот удар од 2014 година“.

- Би сакал да го свртам вашето внимание на фактот дека не беа акциите на Русија кои доведоа до ескалација во Украина, туку државниот удар во 2014 година, кој беше поддржан пред сè од САД. Дури и јавно беше објавено колку пари потрошила американската администрација за подготовка и организација на овој државен удар. Зарем тоа не е патот до ескалација, рече Путин.

Тој истакна дека Москва им е благодарна на членките на БРИКС за нивните напори да помогнат во решавањето на ситуацијата во Украина.

- Што се однесува до преговорите, топката е на теренот на Киев, рече Путин, додавајќи дека Русија е подготвена да ја разгледа секоја опција за мирно решавање на кризата во Украина во согласност со реалната ситуација на теренот.

Тој рече дека се согласил со предлогот на претставникот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се разгледаат нови идеи за Украина, но дека Киев се откажал веќе следниот ден.

Зборувајќи за ситуацијата на фронтот, тој изјави дека украинските војници не можат да користат западни ракети без помош на офицери од земјите членки на НАТО, додавајќи дека руската армија активно дејствува во правецот Курск и оти „пристапила кон ликвидација на блокираниот дел од украинската група во регионот Курск“.

- Дел од украинските единици во областа Курск е блокиран, околу 2.000 војници се опколени, рече Путин.

Зборувајќи за севернокорејската армија, Путин рече дека денеска Државната Дума го ратификувала Договорот за стратешко партнерство.

- Што ќе правиме и како ќе продолжиме – тоа е наша работа, рече Путин и додаде дека Русија не одбивала ниту одбива контакти со западните лидери.

Тој оцени дека однесувањето на украинските власти е „неразумно“ и додаде дека тие „по секоја цена сакаат да им покажат на своите западни покровители дека сите инвестиции не биле залудни“.

Путин изјави дека од САД зависи како ќе се градат односите меѓу Москва и Вашингтон по претседателските избори во САД, истовремено негирајќи ги медиумските информации дека поранешниот американски претседател и кандидат на Републиканската партија на претстојните избори, Доналд Трамп, му се заканувал со напад на Москва.

- Бесмислено е да ѝ се заканува на Русија, тоа само не охрабрува, рече рускиот претседател.

Тој ги демантираше пишувањата на медиумите дека Русија организира немири на улиците во Европа, оценувајќи дека немирите се поради последиците од економската политика на западните земји.

- Рецесијата беше предизвикана, меѓу другото, поради откажувањето на Западот од евтините руски извори на енергија. Исто така, Германија не сака да го почне преостанатиот крак на Северен тек, рече Путин.

Кога станува збор за ситуацијата на Блискиот исток, Путин рече дека Русија не е заинтересирана ситуацијата во тој регион да се влоши, додавајќи дека Москва ја гледа својата улога во создавање услови за деескалација и барање компромиси.

Зборувајќи за структурата на БРИКС, Путин рече дека членките работат на структуирање, нагласувајќи дека не смее да се дозволи сојузот да се претвори во гломазна структура со голем број службеници во скапи автомобили.

Тој изјави дека БРИКС нема за цел да создаде сопствен платен систем, туку дека земјите-членки развиваат соработка кога станува збор за прекуграничните плаќања.

- Земјите од БРИКС се посветени на продлабочување на партнерството во финансискиот сектор. Ќе продолжиме да ја зајакнуваме меѓубанкарската комуникација и да создаваме механизми за меѓусебно порамнување во национални валути кои се независни од надворешни ризици, рече рускиот лидер.

Фото: ЕПА

Остани поврзан