• петок, 27 декември 2024

Публицитетот на македонскиот фестивал „Илинденски денови“ во државата и во странство

Публицитетот на македонскиот фестивал „Илинденски денови“ во државата и во странство
Битола, 24 јули 2021 (МИА) - Грижата за публицитетот на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ е вкоренета од 1971 година, а на тоа посочува богата архива. Потребата од афирмативни активности, а со цел постигнување повисоки резултати и публицитет на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола, е согледана и организирана со самото востановување на фестивалот. Публицитет, прес-центар, фестивалски каталог, билтен „Илинденски денови“ Во односите со јавност, публицитетот има посебно значење и се смета за ефикасен инструмент затоа што е врзан со објавување афирмативни содржини и информации, кои организаторот ги пласира во средствата за јавно информирање. Установата за народна култура - УНК „Илинденски денови“, поранешен организатор на фестивалот, уште од самите почетоци на културниот настан максимално ја користи медиумската поддршка од „Радио Битола“ и „Битолски весник“, а во јавноста се презентира и со пропаганден материјал што најчесто содржи фестивалска програма, каталог, леток, информативни паноа и други афирмативни материјали кои, освен на локално, се дистрибуираат и на национално ниво, но и надвор од државата, пред сè во македонската дијаспора. Веднаш по првото фестивалско издание, а во пресрет на второто, во 1972 година, УНК „Илинденски денови“ на јавноста, а во функција на публицитетот на фестивалот, одлучува да го издаде првиот број на фестивалскиот каталог, исполнет со бројни содржини и важни фотографии што го илустрираат фестивалскиот амбиент. Во изработката на каталогот се вклучуваат новинари, фотографи, сценографи... здружени во една редакција предводена од Димитар Димитровски-Такец, како главен и одговорен уредник. Каталогот издаден во јули 1972 година е отпечатен во 2 000 примероци, тираж за почит. УНК „Илинденски денови“ - Битола со одлука на Советот на Установата, на 30.6.1978 година формира фестивалски прес-центар со кој раководат новинарите на „Радио Битола“, Борис Начовски и Менде Петковски. Фестивалскиот прес-центар во целост ја реализира соработката со новинарите од градот, државата и од странство и исто така подготвува два броја од фестивалскиот билтен. Континуираната поддршка на фестивалот тогашното „Радио Битола“ ја реализира со директните радиопреноси од свеченото отворање на фестивалот, додека пак „Битолски весник“ секоја година и денес тоа го врши со извештаи на повеќе страници пред почетокот, за време на фестивалските денови и по завршувањето на фестивалот. Во весникот се објавуваат и стручни мислења, прилози на организаторот, а од истражениот материјал во рамките на овој труд потсетуваме на текстот „Голема смотра на фолкорното богатство“ објавен во „Битолски весник“, чиј автор е долгогодишниот прв човек на фестивалот Кирил Танчевски. Фестивалскиот билтен е главниот носител на фестивалскиот публицитет, но и можност за научноистражувачка работа. Генерално, секој фестивалски билтен содржи фестивалска програма од која јасно се уочуваат учесниците на секое фестивалско издание, сценската изведба, главната и придружната програма, како и основни податоци на ансамблите и групите што настапуваат на фестивалот. Структурата на фестивалскиот билтен е зависна од креаторите, лицата што го подготвуваат фестивалскиот билтен, а тоа пак директно влијае врз бројот на изданијата, кој последниве години достигнува максимум од седум броја за пет фестивалски дена. Последнава декада билтенот го подготвуваат м-р Валентин Соклевски и соработници, а посебен квалитет претставува пренесувањето на содржините и на англиски јазик, потреба што се наметна со зачленувањето на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во светската организација на фолклорни фестивали - ЦИОФФ. Со зачленувањето на фестивалот во ЦИОФФ, публицитетот на фестивалот значително се зголемува, интернет-комуникацијата ги обезбедува максималните можности и предности кои без поголем проблем може да се посочат и потврдат со настапите на ансамблите од странство и од сите континенти. Според нашите истражувања, и публикувани интервјуа во фестивалскиот билтен, фолклорните групи од Мексико, Бразил, Јапонија... и други држави од различни континенти, сите во Битола пристигнале благодарение на висок публицитет на фестивалот, членството во ЦИОФФ и споеделени информации на интернет. Затоа со право организаторите нагласуваат дека Битола последниве години во деновите на големиот верски и национален македонски празник Илинден е „фолклорен Гринич“ на чија фестивалска сцена доминираат боите на светот. И токму поради тоа, фестивалскиот билтен во печатена и електронска верзија се дистрибуира до сите културно-уметнички друштва и фолклорни групи, а за време на фестивалот и до средствата за јавно информирање, со што директно се придонесува за висок публицитет. Улогата на односите со јавност за публицитетот на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ е голема и со широк опфат. Информациите се со голем досег, достапни и разбирливи. Публицитетот на фестивалот е распространет надалеку, а фестивалската адреса на организаторот НУ Центар за култура - Битола препознатлива. Тоа што соработката со медиумските куќи е на високо ниво посочува на заклучокот дека се води посебна грижа за публицитетот на фестивалот. А така е и годинава со издавањето на првиот број од фестивалскиот билтен. Марјан Танушевски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан