• сабота, 09 ноември 2024

ПССЕ: Асанж беше политички затвореник во Велика Британија

ПССЕ: Асанж беше политички затвореник во Велика Британија

Стразбур, 2 октомври 2024 (МИА) – Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска усвои резолуција со која се признава дека основачот на Викиликс, Џулијан Асанж беше политички затвореник во Велика Британија.

За резолуцијата во ПССЕ гласаа 88 пратеници, против се изјаснија 13, а 20 беа воздржани. Во нацрт-резолуцијата „Притворот и осудата на Џулијан Асанж и нивното застрашувачко влијание врз човековите права“ се укажува на важноста на слободата на медиумите и се наведува дека „суровиот третман на Џулијан Асанж, кој неодамна беше ослободен од притвор по повеќе од една деценија политички мотивирано гонење за неговата новинарска работа“ заслужува посебно внимание.

Во резолуцијата се поздравува ослободувањето на Асанж, но и се изразува загриженост дека „несразмерно грубиот третман“ кон него „создава опасен застрашувачки ефект и клима на самоцензура што ги погодува сите новинари, издавачи и други кои известуваат за работи суштински за функционирањето на едно демократско општество“.

ПССЕ посочува дека е вознемирено од извештаите дека ЦИА тајно го испрашувала Асанж во Амбасадата на Еквадор во Лондон и оти „наводно развивала планови да го отруе или дури и да го убие“ во Велика Британија.

Во исто време, изразува жалење што британските власти, како што е наведено, „не успеале ефикасно да ја заштитат слободата на изразување на Асанж и правото на слобода, подложувајќи го на долг притвор во затвор со висок степен на безбедност, и покрај политичката природа на најсериозните обвинение против него“.

Неговиот притвор заради екстрадиција далеку го надмина разумното време прифатливо за таа цел, се посочува во резолуцијата. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан