• четврток, 26 декември 2024

Протестна уметничко-скулптурална акција во Вардар како повик за изградба на пречистителна станица

Протестна уметничко-скулптурална акција во Вардар како повик за изградба на пречистителна станица

Скопје, 16 август 2024 (МИА) - „До каде е пречистителната станица за отпадни води“ е протестна уметничко-скулптурална акција која денеска е поставена во реката Вардар. Акцијата е на активистот Никола Писарев од Центар за современи уметности и претставува повик кон властите за конечно почнување со изградба на пречистителна станица во Вардар.

-Пречистителна станица е ургентна потреба. Вардар гледаме дека е син, меѓутоа тој е петта категорија загаден. Практично, се почесто станува мртва река заради загадувањето, кое дел е од индустриски капацитети, меѓутоа дел е и од фекалната канализација, изјави Писарев.

Тој потсети дека уште во 2010 година се зборува дека ќе се започне со изградба на пречистителната станица, но тоа уште не се случило.

-Во меѓувреме, реката се повеќе изумира. Живиот свет се повеќе страда, а граѓаните на Скопје не можат да ја користат. Многу често има и смрдеа, многу често се видливи фекалиите, особено последните неколку дена кај градската канализација под Лисиче. Смредата е неподнослива, бојата на реката е неподнослива и затоа ја направивме оваа скулптурна инсталација за да потсетиме и да го кренеме гласот да конечно почне изградбата на пречистителната станица, затоа што се соочуваме со климатски промени, се соочуваме со недостиг на вода за пиење. Имаме убава река, имаме симбол на градот кој што буквално е неупотреблив, додаде Писарев.

Како што посочи, ако пред 30 години имало 50 риболовци кои пловеле, денес нема ниту еден.

-Сметаме дека пречистителната станица е една од ургентните работи не само во Скопје, туку и во Тетово, Гостивар, Велес и другите градови за да имаме чиста река и да имаме чист резерворар на вода. Иако многупати беше ветувано дека пречистителната станица за Скопје би можела да биде готова во периодот помеѓу 2026-2028- ма па и порано, сведоци сме дека тоа нема шанса да се случи поради негрижата на градот за сопствената река.  Токму негрижата за нашата најголема и најзначајна река која се повеќе станува мртва река е директна инспирација за оваа акција, посочи Писарев.бт/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан