• недела, 24 ноември 2024

Промовирани „Гласникот на ИНИ“ и „Балканската историографија и современите предизвици“

Промовирани „Гласникот на ИНИ“ и „Балканската историографија и современите предизвици“
Скопје, 23 јуни 2022 (МИА) - По повод 70 години од постоење на Институтот за национална историја, денеска се одржа промоција на зборникот на трудови од Меѓународниот научен симпозиум, но и најновото издание на списанието „Гласник на ИНИ“. Претседателот на Институтот за националната историја, Драги Ѓоргиев во денешното обраќање на промоцијата на „Гласник на ИНИ“ информираше дека списанието излегува уште од 1957 година и е најстаро историско списание во државата. Денешната промоција е посветена на бројот од 2021 година. - „Гласник на ИНИ“ излегува девет години по формирањето на Институтот и во него досега се објавени над две илјади статии и архивски материјали на научници од целиот свет и сигурно претставува најреномирано списание во државата за историски прашања, истакна Ѓоргиев. Промоторот на списанието, Наташа Котлар-Трајкова во обраќањето посочи дека во ова списание излегува како научна продукција со особен карактер. Притоа, како што рече таа, текстовите кои ги има во сите броеви особено поновите, излегуваат на македонски, но и на еден странски јазик - англиски, француски, германски или руски. - Особено овој број, кој ја одбележува 65-годишнината од излегувањето на „Гласникот“, содржи 11 статии, 5 прикази, три материјали, едно соопштение и три текста in memoriam, рече Котлар-Трајкова. Таа информираше дека текстовите во „Гласникот“ во овој број се подредени хронолошки, од средновековниот период, нововековниот и современата историја. - За управувањето на државата и правосудниот систем, од аспект на средновековниот период односно нововековниот период, пишуваат колегите Драги Ѓалевски - „Византиската воена традиција, дипломатија и показателите за управувањето со државата од 6 и 12 век“, и Драги Ѓеоргиев - „Учеството на немуслиманите во османлискиот правосуден систем, случајот со македонските градови, втора половина на 19 век“. Кон нив можам да ја придодадам и статијата „Прилог кон историјата на железницата во Македонија, анализа на уредбата за изградба на железничката линија Солун-Битола, 1894/ 1895 година, од Емел Шерив Мифтар, рече Котлар-Трајкова. Дел од темите во статиите, како што рече, се приказите на македонска почва, низ призмата на Првата балканска војна, Првата светска војна, како и низ призмата на антифашистичката борба. Зборникот „Балканската историографија и современите предизвици“ е од симпозиумот одржан во ноември 2018 година во Клубот на пратеници, а по повод 70 години од основањето на Институтот. Зборникот излезе минатата година како дел од најновите изданија на Институтот. Како што посочи Ѓоргиев, овој наслов беше инспириран од годината кога почнаа да се случуваат настани и процеси во однос на зачленувањето на државата во ЕУ, почнувањето на преговори и сметаа дека историјата несомнено беше се уште многу важен дел од тој процес, и најчесто, како што рече, злоупотребуван. - Сметавме дека еден ваков пристап и тема ќе даде некаков придонес во пошироката јавност и поинакво видување како може историјата и различните делови од историјата да бидат гледани и да се пристапува кон нив, додаде Ѓоргиев на промоцијата на зборникот. бт/сп/

Остани поврзан