• четврток, 26 декември 2024

Промена на плановите: Прво ќе завршат првенствата, а потоа ЛШ и ЛЕ

Промена на плановите: Прво ќе завршат првенствата, а потоа ЛШ и ЛЕ
Нион, 12 април 2020 (МИА) - Лигата на шампионите и Лигата на Европа ќе бидат обновени и завршени во рок од три недели во август. Таков е планот, кој започнува да добива поголема тежина кај водечките фактори на УЕФА, тврди „Мирор“. Идејата е прво да се завршат локалните првенства. Тие мора да бидат обновени најдоцна до средината на јуни и да се завршат во рок од шест недели до крајот на јули. Тогаш ќе започне блокот од европски дуели за кој станува збор. Постои реална опасност од оваа опција дека последните натпревари во Лигата на шампионите и Лига Европа ќе се одиграат откако веќе ќе започне новата сезона во Премиер лигата. Ова може да ги одложи натпреварите на тимовите во првите две или три кола од новите првенства. Пред извесно време, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, во интервју рече дека турнирите треба да завршат до 3 август. Сепак, кратко потоа, европската централа негираше таков рок. Во последните неколку недели, соодветните лиги извршија голем притисок за тоа дека е од најголемо значење да се заврши првенството што е можно порано за да се исполнат договорите со телевизиските куќи, кои се еден од главните извори на приходи. За да се усогласи со ова, УЕФА ја прифати идејата да завршат евро турнирите по завршувањето на сезоните во домашните првенства.

Остани поврзан