• среда, 27 ноември 2024

Проекција на повеќе филмови во февруари во Кинотека по повод 50 години постоење

Проекција на повеќе филмови во февруари во Кинотека по повод 50 години постоење

Скопје, 29 јануари 2023 (МИА) - Со премиерна проекција на филмот „Слобода“  чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески ќе почне одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Кинотеката. Програмата по повод пет децении постоење ќе се одржи во текот на февруари и ќе трае 29 дена.

Согласно програмата, како што најавија од Кинотеката, ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што Кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.

-Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.

Во  кинотечната понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.

Исто така, во програмата се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.

Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – „Наполеон“ на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.

Уште еден филм што предизвика интерес и претежно позитивни рецензии „Убијци на цветната месечина“ на Мартин Скорсезе ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.

Во финалето на месецов, ќе бидат прикажани два филма со музичка содржина. Познатиот „Томи“, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите „Панкрти“. Специјален гостин на Кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.

-Февруари е можеби календарски пократок месец, но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма, се вели во соопштението на Кинотеката. бт/aa/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан