Изложба „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“ во МСУ-Скопје
- Во Музејот на современата уметност - Скопје утревечер ќе биде отворена изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“, во која се вклучени речиси сите куратори на Музејот: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Софиа Григориаду, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Нада Прља.
Скопје, 27 ноември 2024 (МИА) - Во Музејот на современата уметност - Скопје утревечер ќе биде отворена изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“, во која се вклучени речиси сите куратори на Музејот: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Софиа Григориаду, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Нада Прља. Изложбата е дел од одбележувањето на 60 години од основањето на Музејот на современата уметност - Скопје и ќе биде отворена до 30 март 2025 година.
Како што информираат од Музејот на современата уметност, вистински куриозитет е репрезентативниот избор на дела од уметничката колекција на МСУ - Скопје, некои од нив ретко или воопшто изложувани.
- Ќе бидат изложени дела на уметници со потекло од она што се подразбирало како периферии на светот или светот разбиран како европоцентрична „геополитика на знаење“, ставени во релација со дела на неколку меѓународни современи уметници, во обид за лоцирање на поинакви приказни и наративи, честопати исклучени од доминантите наративи, но се со голема еманципаторска моќ, изјавија кураторите.
Според стручниот тим, кој ја подготвуваше поставката, генерална идеја за изложбата е преку контекстуален и критички пристап кон делата од колекцијата да се преиспитаат историски и критички теми, како што се колонијалната историја и неоколонијализмот, феминизмот, хегемониската експлоатација, хибридноста на културните формации и трансформации и соодветните отпори и борби, како и сложените реалности на земји (и групи) што се конципирани како „периферни“. Прекршеното време, одговарајќи на задачата на наследството, отвора простор за уметнички дела, приказни и сеништа, кои не биле подеднакво изложени, замислувајќи ги можните идни читања на збирката на МСУ - Скопје, кои се неизбежно прогонувани од минатото.
Современи уметници, чии дела ќе бидат изложени се: Ала Јунис (Кувајт/Јордан), Инас Халаби (Палестина/ Холандија), Сиовија Кјамби (Кенија/ Германија), Карла Закањини (Аргентина/ Шведска) и Ивана Сиџимовска (Северна Македонија/ Германија).
Некои од уметниците кои се дел од оваа изложба, а се дел од колекцијата на МСУ - Скопје се светски познатите Мариа Бономи, Роберто Мата, Аида Карбаљо, Феликс Белтран, но изложени се и дела на уметниците Ремо Бианседи, Роберто Варкарсел, Самсон Флексор, Фајга Островер, Анезиа Пашеко е Шавес, Герти Сахуе, Питер Кларк, Макс Арукипа Чамби, Мариа Аусилијадора Силва и други.
- Изложбата ја градат дела од збирката на МСУ кои потекнуваат од Глобалниот југ – сфатена како хетерогена и детериторијализирана категорија – или оние кои не учествуваат во глобалниот пазар со хегемонистичка позиција и се архивирани под национален предзнак и потекнуваат од Аргентина, Бангладеш, Боливија, Бразил, Венецуела, Египет, Ирак, Иран, Јужна Африка, Казахстан, Куба, Кувајт, Мароко, Мексико, Узбекистан, Уругвај, Чиле и од други земји, каде што живеле уметници од овие земји. Овие дела, од една страна се ставени во релација со дела од земјите од поранешна Југославија (Северна Македонија, Косово, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора) како наследници на политиката и движењето на неврзаните и нејзиното наследство, посебно активна на културен план, и од друга страна со дела од современи уметници, кои на критички начин ги преиспитуваат локалните и глобални хегемонии, се вели во соопштението.
Избраните дела на поканетите современи уметнички (Закањини, Јунис, Кјамби, Сиџимовска и Халаби) во оваа изложба, како што се наведува, не се доживуваат како изолирани дела, туку нудат можност за постојани дијалози меѓу нив и со изложените дела од колекцијата на МСУ-Скопје.
- Постколонијалноста, политичките дејствувања и уметнички форми на отпор, женски тела и женски гледишта и производство, уништувањето на животната средина и колонијалната екстракција, опседнатите колонијални и модерни наративи, модернистичката мисла и архитектура, форми на солидарност и деконструкции на националното, се некои од темите со кои уметниците се занимаваат, но не исклучиво, бидејќи повеќе од една од овие теми може да се следат во секое дело. Преку доведувањето на делата од колекцијата во релационалност со дела од современи уметници се отвора потенцијален фрејминг за контекстуални и критички приказни за постколонијалната солидарност, трансформативна еманципација и соработка и обид за воспоставување на друг репрезентативен антихегемониски идентитет на музејот, стои во соопштението.
Графичкиот дизајн и уметничката интервенција се на Илиана Петрушевска, а изложбениот дизајн е на архитектите Јован Ивановски и Ана Ивановска. Конзерватори вклучени во изложбата се Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска, а соработник на концепт е Тихомир Топузовски. мд/ев/
Фото: МСУ-Скопје