• сабота, 27 јули 2024

Продолжи собраниската комисиска расправа за ребалансот на Буџетот

Продолжи собраниската комисиска расправа за ребалансот на Буџетот

Скопје, 27 јули 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот. Дискусијата почна со пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ кој уште еднаш го искажа партискиот став - дека со ребалансот не се предвидени средства за пораст на минималната плата, за плати на здравствените и просветните рабтници, за Армијата и полицијата.

Како што истакна Трајчулески, со ребалансот се суспендираат колективните договори и сите барања на синдикатите, а нема пари ниту за работниците и за нивните семејства.

-Ребалансот покажува дека Владата е конфузна и без јасна визија за развој на државата. Со ребалансот граѓаните добиваат нови задолжувања, зголемен е јавен долг, а има и раст на дефицитот, подвлече Трајчулески.

Според него, Владата го употребува класичното алиби - „нема пари“, зад што стои, како што рече, недостиг на капацитет да испорача резултати и реформски политики.

-Се надевам дека ова е само лош почеток и дека Владата ќе почне да постапува во интерес на граѓаните, истакна пратеникот од опозицијата, додавајќи дека СДСМ ја поддржува поддршката на општините за изградба на инфраструктурни проекти. 

Во овој контекст тој, сепак, укажа дека со ребалансот се фаворизираат големите општини, а на помалите, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ „ќе им даде трошки“.

-За општините со овој ребаланс се предвидени 100 милиони евра. Распределбата на средства што ја планира ДПМНЕ, е да ги фаворизира поголемите и побогатите општини, за сметка на помалите и посиромашните општини. Не може да се зема предвид распределба на средства само по број на жители во општина, за распределба има други критериуми. На овој начин ќе се слеат поголеми средства во оние општини што имаат и свои средства и кои  можат да имплементираат сериозни инфраструктурни проекти, додека на помалите општини ќе им дадат трошки. И ова не оди во прилог на послабо развиените региони. Ако еден од главните приоритети на Владата, како што кажуваше претходно, е демографијата и создавање достоинствени услови за живот на сите граѓани, тогаш нека се распределат средствата за инфраструктура на помалите општини, потенцира Трајчулески.

Ова е трет ден од расправата за ребалансот на Буџетот. Општата расправа за ребалансот на Буџетот трае најмногу три дена, а амандманската за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Завчера, на првиот ден од расправата, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.

Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. мч/мд/

фото: принт скрин

Остани поврзан