Австрискиот претседател Ван дер Белен со лидерот на ФПОе ги почна консултациите за формирање нова австриска Влада
- Австрискиот претседател Александар ван дер Белен денеска ги почна консултациите за составот на новата влада, прво со Херберт Кикл, лидерот на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПОe), која освои најмногу гласови на изборите, но уставот не го обврзува шефот на државата да му го довери мандатот на кандидатот на најсилната партија.
Виена, 4 октомври 2024 (МИА) - Австрискиот претседател Александар ван дер Белен денеска ги почна консултациите за составот на новата влада, прво со Херберт Кикл, лидерот на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПОe), која освои најмногу гласови на изборите, но уставот не го обврзува шефот на државата да му го довери мандатот на кандидатот на најсилната партија.
Австриското МВР на 3 октомври вечерта ги објави конечните изборни резултати, според кои, ФПОе освоила 28,8 отсто од гласовите. Партиите на политичкиот центар, конзервативната Народна партија на Австрија (ОеВП) освоија 26,3 отсто, а социјалдемократската СПОе 21,1 отсто.
Либералната партија НЕОС ги освои гласовите на 9,1 отсто од гласачите, а Зелените 8,2 отсто. Сепак, повеќето партии ја отфрлаат можноста за коалицирање со Партијата на слободата, со исклучок на Народната партија на Австрија, која покажа подготвеност за соработка, под услов Кикл да ја ублажи својата екстремно десничарска реторика.
Со вкупно 92 мандати, коалицијата на Народната партија и Социјалдемократите би имала исклучително тенко мнозинство во Парламентот, кој во сегашниот состав има 183 пратеници. Според медиумите, во Австрија затоа е можна тричлена коалиција, која со конзервативците и социјалдемократите би ја зајакнала и либералната партија НЕОС. рп/
Фото: МИА архива