• сабота, 21 декември 2024

Претседателот Бегај од петок во дводневна официјална посета на Италија

Претседателот Бегај од петок во дводневна официјална посета на Италија

Тирана, 24 мај 2023 (МИА) - На покана на неговиот италијански колега Серџо Матарела, албанскиот претседател Бајрам Бегај во петок ќе престојува во дводневна официјална посета на Италија, во рамки на интензивирањето на стратешкото партнерство со оваа земја, соопштија од претседателскиот кабинет.

„Со сите државнички почести, претседателот Бегај ќе биде примен од претседателот Матарела, а во палатата Квиринале ќе одржи одвоени и проширени разговори. Во центарот на разговорите ќе бидат потврдувањето на одличните и повеќедимензионални билатерални односи, евроинтегративниот процес на Албанија и поддршка на Италија, придонесот на Албанија во регионот на Западен Балкан, како и други прашања од геополитички интерес“, објавија од кабинетот на Бегај.

За време на престојот во Рим, претседателот Бегај на посебна средба ќе биде примен од претседателот на Домот на пратеници, Лоренцо Фонтана.

„Во вториот ден од посетата, 27 мај, претседателот Бегај ќе го посети регионот на Абруцо, каде што ќе биде примен од локалните власти на овој регион, во Аквила и Киети. Исто така во Вила Бадеса ќе се сретне со претставници на историската албанска заедница на Арбарешите и претставници на новата албанска заедница во овој регион“, додаваат од кабинетот.

Италија е трета земја што Бегај ја посетува, по Косово и неодамна Хрватска, од неговиот избор на 24 јуни минатата година. вт/сд/

Остани поврзан