• среда, 25 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова го прими регионалниот директор на Меѓународната организација за миграција за Европа и Централна Азија, Алексоски

Претседателката Сиљановска Давкова го прими регионалниот директор на Меѓународната организација за миграција за Европа и Централна Азија, Алексоски

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Драган Алексоски, в.д. регионален директор на Меѓународната организација за миграција за Европа и Централна Азија.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова, било разговарано за соработката на македонските институции со Меѓународната организација за миграција и можностите за нејзино продлабочување, за областите во миграциската политика на кои треба да им се даде приоритет, како и за претстојните иницијативи и активности на организацијата предвидени за нашата земја.

Изразувајќи благодарност за континуираната посветеност и поддршката од  Меѓународната организација за миграција почнувајќи од 1999 година, претседателката Сиљановска Давкова искажала подготвеност за продолжување на меѓусебното партнерство во градењето на капацитетите за управување со миграцијата, граничната контрола и поддршката на ранливите групи.

На средбата биле разменети мислења за можностите за продолжување на соработката во однос на програмите за трудова миграција, кои ја олеснуваат интеграцијата на мигрантите и го зголемуваат нивниот придонес во националниот развој, како и за можностите за јакнење на соработката во областа на обезбедување на здравствени услуги за мигрантите.

Во таа насока, бил изразен интерес и за соработка на планот на одржливи стратегии за ублажување на ризиците од климатските миграции и управување со миграцијата предизвикана од климатските промени.

На средбата, претседателката била информирана и за улогата на Меѓународната организација за миграција во спречувањето на насилниот екстремизам и програмите за реинтеграција и рехабилитација на вратените странски терористички борци и нивните семејства.

Претседателката ги реафирмирала посветеноста на земјата во управувањето со легалната и нелегалната миграција, во унапредување на институционалните капацитети и хармонизација на легислативата со меѓународните стандарди, како и напорите за соодветен одговор и управување со кризи на национално ниво и во регионални рамки. дма/ац/

Фото: Кабинет на  претседателката Гордана Сиљановска Давкова

 

 

 

Остани поврзан