• среда, 13 ноември 2024

Премиера на „Пикник на фронтот“ на 28 ноември

Премиера на „Пикник на фронтот“ на 28 ноември

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - „Пикник на фронтот“ е претстава во режија на Андреј Цветановски, која премиерно ќе се одржи на 28 ноември во Драмскиот театар во Скопје.

Во претставата играат Биљана Драгиќевиќ - Пројковска, Филип Трајковиќ, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ и Соња Стамболџиоска.

Автор е Фернандо Арабал, а сценографијата е на Сергеј Светозарев. Костимограф е Раде Василев, а избор на музиката е на Димитар Андоновски.

Како што посочи Андреј Цветановски на денешната прес-конференција, оваа претстава е за луѓе, поточно едни „лушпи“ од луѓе кои ја преживуваат војната и секој ден низ своите игри се обидуваат да избегаат од неа, но се подлабоко и подлабоко влегуваат во неа.

-Додека работевме на претставата постоеше единство меѓу нас и тоа единство мислам дека генерално е многу важна работа за театарот.  Тоа што го направивме има свои квалитети и она што го создадовме со овој материјал е интересно, возбудливо, ефектно и носи своја поента. Бидејќи нашата држава ја има честа да биде домаќин на Самитот на ОБСЕ на 29 ноември, државниците од нашиот „цивилизиран“ свет имаат шанса да присуствуваат на премиера на претставата. Би сакал да ги поканам и со тоа можеби ќе има „лушпа“ од човек помалку на нашата планета Земја, рече Цветановски.

Актерката Драгиќевиќ - Пројковска на прес-конференцијата рече оти се надева дека после претставата она што ќе прозвучи надвор од оваа сцена, ќе биде пораката за мир и благостојба.

-Беше задоволство да се работи со Андреј, да ни го открие неоткриениот свет на војната за кој сите секојдневно слушаме, гледаме, доживуваме. Тоа е трагичен свет, но и комичен во исто време. Мислам дека одамна на проби не сме се смееле толку, а во исто време и не сме плачеле. Доколку тоа го доживее и публиката, ние ќе бидеме многу среќни и ќе имаме производ кој ќе се игра многу долго време, додаде Драгиќевиќ - Пројковска.

Таа, како што појасни, го игра ликот на госпоѓата Тепан, која е мајка на едно момче кое е во војна.

-Јас сум госпоѓа Тепан. Таа е мајка на едно момче Запо кој е во војна. Всушност, родителите на Запо доаѓаат да го посетат на фронтот и со него да поминат еден прекрасен ден. Ние навидум имаме ликови, но всушност сме едни „лушпи“ од луѓе кои гледаме да опстанеме во една ненормална ситуација и се обидуваме да си наметнеме свои карактери кои не одржуваат во живот, рече Драгиќевиќ - Пројковска.

Актерот Дамјан Цветановски посочи дека неговиот лик и ликот на Стефан Вујисиќ се всушност војници кои се во војна но немаат мотив за истата. Како што објасни, двајцата се довлечкани со сила да се борат, а имаат детска наивност која проникнува низ најсериозните моменти.

-Двајцата ликови се војници во таа војна, но немаат мотив за истата. Довлечкани се со сила да се борат, а имаат детска наивност низ сите случувања која проникнува низ најсериозни моменти. Иако се натерани да се мразат едни со други, бидејќи едниот е на едната а другиот на другата страна, некако со текот на времето се здружуваат, додааде Цветановски на прес-конференцијата.

Актерот Филип Трајковиќ потенцираше оти конечно игра улога на лик кој многу го поистоветува со она што се случува денес во светот.

-За мене е интересно тоа што конечно имам лик кој што многу го поистоветувам со ова што се случува денес во светот генерално. Самиот лик во претставата се обидува да најде начин како да се провлече низ тежок живот со радост. Тој наоѓа начин да биде среќен во тешки и страшни моменти. Всушност, тоа е нешто што поголемиот дел од нас го живеат затоа што секој ден е борба за опстанок на некаков начин. Ако не почнеме да се смееме и радуваме па дури и во тешките моменти кои се случуваат во нас, немаме начин како да продолжиме понатаму, рече Трајковиќ.бт/са/

Фото/МИА, Драмски театар

Остани поврзан