• четврток, 26 декември 2024

Предложени три иницијативи за денешната седница на Уставен суд

Предложени три иницијативи за денешната седница на Уставен суд
Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Уставниот суд денеска ќе ја одржи 29-та седница со дневен ред на кој се предложени три иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и едно барање за заштита на слободи и права. Со првата иницијатива се оспорува членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, а подносите е Илија Русев. Во наводите на инцијативата се наведува дека со измената на Законот за работни односи, се повредува уставното начело на еднаквост и начелото за владеењето на правото и правната сигурност, при што во конкретниот случај, одредени стопански и нестопански дејности како здравството, универзитетите, судството се ставени во поповолна ситуација, со што на посреден начин се заобикува Законот за работни односи, односно се отвора можност со друг закон поинаку да се регулираат односите поврзани со престанок на договорот за вработување. Подносителот наведува дека со сите горенаведени тврдења се прави нееднаков третман на работниците. Со втората иницијатива се оспорува член 87 став 2 од Законот за административни службеници, а поднесителот на иницијативата Владан Цибрев се посочува дека со оспорената одредба службениците остваруваат различна основна плата за иста работа на исто работно место и затоа во иницијативата се наведува дека се прави директна повреда на членот 32 став 3 од Уставот кој меѓу другото предвидува дека секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место. Третата иницијатива  го оспорува член 22 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи. Подносителот Игорчо Точев истакнува дека во периодот кога бил креиран оспорениот член 22 став 1 од Законот, во членот 117 став 4 од целината на Законот не постоеле зборовите: „кај истиот работодавач“. Се наведува дека со оспорената одредба се надополнува содржината на членот 117 став 4 која ниту суштински ниту содржински не ги содржи зборовите на кои се повикува. Сето ова според подносителот е спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Со барањето за заштита на слободи и права се оспорува решението број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година на Основниот суд Куманово и Решение ГЖ-1.бр.1627/21 од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје, а подносители се Живко Јаќимовски и Радица Јаќимовски застапувани од Бенита Белешкова, адвокатка од Скопје. Во барањето е наведено дека Живко Јаќимовски е единствен сопственик на недвижен имот со имотен лист број 40 XXX за КО Куманово со кој се стекнал на 26 септември 2018 година. Со споменатото Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година на Основниот граѓански суд Скопје било усвоено тужбеното барање на негов сосед од Куманово, кој бил татко и близок роднина на членови на политичка партија на Србите и затоа бил со подобра социјална и општествена политичка позиција. Според наводите во барањето Живко Јаќимовски од Скопје му го нарушил последното мирно, фактичко и непосредно совладение над опишаниот наведен имот од имотен лист број 20 XXX за КО Куманово кој бил во сосопственост на повеќе сосопственици, помеѓу кој бил и подносителот на барањето. см/сп/

Остани поврзан