• четврток, 26 декември 2024

Предлог-националната развојна стратегија 2024-2044 година го помина комисискиот филтер

Предлог-националната развојна стратегија 2024-2044 година го помина комисискиот филтер

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) – Предлог-националната развојна стратегија 2024-2044 година денеска доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика и се проследува на натамошна постапка во Собранието.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска во озбразложението истакна дека Националната развојна стратегија (НРС) за периодот 2024 – 2044 година е водечки документ со кој се дефинираат главните национални развојни цели, стратешки области и приоритети за забрзан, инклузивен, рамномерен, родово еднаков и одржлив развој на Република Северна Македонија. Основната идеја на НРС, како што рече, е да овозможи континуитет во стратешкото планирање и конзистентен одговор на главните предизвици, без оглед на политичката ориентација.

Дополнително, посочи дека Стратегијата ги идентификува клучните предизвици и државните приоритети, особено имајќи го предвид стремежот на државата да се приклучи кон Европската Унија до 2030 година и заложбата за одржлив развој преточена во Агендата 2030. 

-Националната развојна стратегија не е само документ. Таа е ветување за граѓаните, завет за планирана и сигурна иднина што го отсликува меѓугенерацискиот, родовиот, меѓуетничкиот, меѓупартискиот и долгорочниот консензус. Мнозинството на граѓани силно го поддржаа изготвувањето на Националната развојна стратегија. Имено, 80 проценти од граѓаните сметаат дека процесот на изготвување на Стратегијата е од исклучителна важност. Осумдесет и девет проценти веруваат дека со спроведување на таквата стратегија ќе се подобри квалитетот на нивниот живот. Осумдесет и три проценти очекуваат дека стратегијата ќе придонесе за усогласување на државните приоритети, рече Лашкоска.

Заменик-министерката потенцира дека главни чекори во процесот на консолидација на Стратегијата биле процесот на подготовка кој што се реализираше со поддршка на УНДП Канцеларијата во Скопје во координација со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации, а финансиски поддржан од Британската амбасада и Министерството за финансии на Република Словачка. Посочи дека методологијата промовира одржлив еколошки развој и раст што придонесува за регенеративни економии, долгорочна визија – стратегијата е смислена да може да се справи со идните предизвици и да промовира долгорочност наместо кусогледи стратегии за поголема ефикасност, системско размислување – имајќи ја предвид меѓусебната поврзана природа на предизвиците овој пристап се сложи со перспектива што го зема предвид системот во целина не заборавајќи дека дејствувањето во една област влијае врз сите други области и флексибилност. Со оглед на сложеноста на идните предизвици стратегијата и дава приоритет на флексибилноста за да може да даде соодветен одговор во непредвидливи околности.

Во подготвувањето на Стратегијата било извршено мапирање на постојните стратешки документи и направена споредбена студија и мапирање на чинителите за да може целосно да се разбере моменталната состојба.

Лашкоска соопшти дека изготвени се 24 тематски анализи за образование, управување со води и водостопанска инфраструктура, транспортна инфраструктура, управување со отпад и инфраструктура на отпад, управување со водите, култура и културно наследство, економски развој, јавни финансии и фискална политика, спорт и млади, рамномерен регионален развој, пазар на труд, просторно планирање, животна средина, климатски промени и живеалишта, ИКТ, социјална политика, пензиски систем, владеење на правото, борба против корупцијата, зелена економија и зелени работни места, наука и истражување, јавни институции, безбедност и отпорно општество. Посочи дека во рамките на анализата активно била вклучена МАНУ која ги утврдила најважните аспекти од 24 тематски анализи.

Националните развојни цели се планира да се реализираат преку шест клучни стратешки области: Одржлива, иновативна и конкурентна економија; Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија; Демографска ревитализација, социјален и културен развој; Сигурно, безбедно и отпорно општество; Владеење на правото и добро управување и Зелена трансформација.

Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски смета дека Стратегијата е одличен документ кој ќе ја добие поддршката од сите во Собранието. Побара Владата да го направи јавно достапен и разбирлив за сите граѓаните во државата. На забелешката на Ковачевски одговори Лашкоска, која нагласи дека Стратегијата веќе е јавно достапен преку страна која се ажурира од Генералниот секретаријат на Владата – nrs.mk.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски потенцира дека се надева оти овој документ кој е во завршна фаза, ќе го добие она што најмногу недостасува државата а тоа е, како што рече, имплементацијата на законските решенија. Мицевски потенцира дека Стратегијата е 20-годишен документ и сеопфатно ги зема предвид економскиот, социјалниот, културниот, еколошкиот развој и има за цел да обезбеди национален консензус, долгорочни развојни приоритети како олеснување на политичкиот дијалог и стратешките цели на државата и олеснување на животот граѓаните.

Членовите на оваа Комисија ја изгласаа и Предлог на националната развојна стратегија 2024-2044 година.фф/са/

Фото: принтскрин од видео

Остани поврзан