• среда, 20 ноември 2024

Прва форумска сесија во Куманово во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“

Прва форумска сесија во Куманово во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“

Куманово, 26 септември 2024 (МИА) - Согорувањето на биомаса има најголемо учество во аерозагадувањето во Куманово, покажал мониторингот за квалитетот на воздухот кој изминатиов период се спроведуваше во рамки на проектот „Справување со аерозагадувањето“. На денешната прва форумска сесија беа презентирани резултатите од мониторингот на квалитетот на воздухот и главните извори на загадување на воздухот во Куманово. Покрај затоплувањето, во аерозагадувањето учествува и сообраќајот. Најголеми пикови на аерозагадување се евидентирани во периодот декември-јануари, најчисто е во летните месеци.

- Опсежни истражувања и дефиниравме шест извори на загадување сите учествуваат со по некој процент најмногу, согорувањето на биомаса, годишно со 31 процент во Куманово. Овој извор се појавува само во грејната сезона конкретно во декември-јануари кога од дозволените 25 микрограми на метар кубен ПМ 2, 5 честички. Само овој извор се појавува со 31 микрограми на метар кубен. Останатите се сообраќајот кој на годишно ниво учествува со 25 проценти, согорување на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, со најмал процент е минерална прашина и секундарните аеросоли, изјави Афродита Зенделска, професор на Факултет за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

Најмалку загадување е евидентирано во јуни, во периодот од мај до август, веќе од септември има надминување на граничните вредности. Александра Георгиевска Протиќ од одделение за животна средина од општина Куманово вели дека општината одвојува најмногу средства за справување со аерозагадувањето и една од ретките општини која има одобрен план за справување со аерозагадувањето од Министерството за животна средина и Министерството за здравство и усвоен од советот.

- Самите граѓани треба да ги одобрат мерките кои ќе бидат преземени за справување со аерозагадувањето. Планирана е уште еден работен форум кога ќе се одберат мерки за една година ќе мора да се реализираат ако се почне од ноември 2024 мора да заврши до ноември 2025, на наредниот ќе се покажат резултатите, изјави Георгиевска Протиќ.

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски во изјавата за медиумите посочи дека целта на првата сесија е да се претстават резултати од мониторингот на квалитет на воздухот и главните извори на загадување на воздухот во Куманово, мерките и активности за справување со загадување на воздухот

- Очекувам убави идеи, реално остварливи проекти од страна на граѓаните и на крајот, она што ќе биде одлучено да се имплементира во градот. Целта е на овој начин директно да се поттикнат граѓаните да учествуваат во непосредната демократија и самите да одлучуваат за суштински теми. Ако искуствата бидат позитивни еден ден ќе дојдеме да граѓаните сами одлучуваат и за осмислувањето на буџетот на општина Куманово и каде и кои проекти согласно идеите, согласно можностите и средствата коишто се на располагање да бидат реализирани, кажа Димитриевски.

Тој кажа дека Куманово е класифицирана во група на општини која издвојува најголеми средства во борба против аерозагадување и дека ресорното министерство се вклучува во вакви проекти за намалување на аерозагадувањето. Проблемот додаде тој, е глобален и потребно е регионално поврзување за надминување.

- Лани имавме пикови на загадување кои беа резултат на работење на фабрика која произведува фасади во соседна Србија конкретно на Прешево и Бујановац кога дуваше северен ветер ние во градот ги чувствувавме тој непријатен мирис и загадувањето имаше одредени пикови. Мора глобално да делуваме на темата во соработка со граѓани, министерството, додава Димитриевски.

Кумановскиот градоначалник најави повеќе средства секоја година за борба против аерозагадувањето, клучни се долгорочните мерки, гасификацијата и пошумувањето. За наредниот период обезбедени се 10.000 висококвалитетни листопадни брзорастечки садници кои ќе се садат во зони и ќе се формираат зелени зони. Димитриевски повика на граѓаните да ги чуваат садниците, бидејќи како што посочи од првите илјада садници успеале само една третина, бидејќи дел биле уништени или ограбени.

Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.

Целта на форумските сесии, во рамките на овој проект, е да се овозможи активно учество на граѓаните, кои ќе дискутираат за изворите на загадување на воздухот во нивната општина, за мерките кои општината ги презема за унапредување на квалитетот на воздухот, како и да се презентираат дополнителни акции кои општината може да ги реализира за подобрување на квалитетот на воздухот. УНДП, заедно со општината, предвидуваат финансиски средства во износ од околу 340.000 долари за поддршка на една или повеќе конкретни мерки кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот и квалитетот на живот на граѓаните во општината. ам/дма/


Фото: МИА

 

Остани поврзан