• недела, 24 ноември 2024

ПП Левица:Преку ваучери за летување ДУИ поткупувале гласачи, ВРЕДИ и ДПМНЕ го дореализирале проектот

ПП Левица:Преку ваучери за летување ДУИ поткупувале гласачи, ВРЕДИ и ДПМНЕ го дореализирале проектот

Скопје, 12 септември 2024

 

Од парите на даночните обврзници, ДУИ поделиле, а ВРЕДИ аминувале 31.987.000 денари, пари со кои, практично, се злуопотребиле албански гласачи со ниски примања и оваа алатка била искористена за поткуп на гласачите - исплата на средствата вршеше новата власт од ДПМНЕ.

Огласот за доделување на овие ваучери беше објавен во февруари од Министерството за економија од ДУИ, Крешник Бектеши. Според податоците, 80% од ваучерите за летување се доделени во регион каде сите гласови им припаднале на ДУИ и ВЛЕН.

Потребни документи за апликација биле: Барање во кое се пишува приходот на семејството; членовите на тоа семејство; изјава дека услугата ќе ја користи лично барателот и членовите на неговото семејство и изјава пред нотар дека наведените податоци се точни. Не постоеле никакви други критериуми, ниту ранг-листа, ниту можност за жалба! Единствен критериум бил ,,прв дојден, прв услужен", а надзор над програмата повторно, сама на себе, вршела комисија формирана од Министерот.

Друг симптоматичен момент е што често може да се забележи дека на членови од исто семејство, посебно им се исплаќани вакви ваучери. Сите овие показатели укажуваат на тоа дека преку државни средства и оваа навидум - социјална мерка, спроведена во периодот на предизборието, е искористена за на легален начин, преку народни пари од државниот буџет, да се злоупотребат граѓани од социјално-загрозени семејства и преку прилив на средства на нивните сметки, да бидат убедени, својот глас да го дадат за партијата (во случајов ДУИ), која ја спроведува оваа мерка.

Иако апликациите се поднесувале пред изборите за добивање на овие средства, сепак, исплатата била оставена да се врши после избори, што го потврдува сомневањето дека се остава простор да се провери каде гласачите ќе го дадат својот глас, пред да биде реализирана исплатата. Исплатата, на овие срдства, денес ја реализира новата влада предводена од ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, што само ги вклучува во овој процес.

Левица смета дека ваквите индиции и показатели само потврдуваат дека државниот буџет, како и луѓето со ниски примања, се злоупотребуваат за реализација на партиските агенди и цели. Ваквите пракси го нарушуваат изборниот процес и директно ја поткопуваат демократијата.

Оттука, бараме од надлежните институции да извршат целосна ревизија на процесот, да утврдат кои се точките на коруптивност и да утврдат дали е вршена етничка дискриминација или политичка дискриминација при реализирањето на ваучерите.

Ваквите скандали, не смеат да бидат занемарени и оставени без политичка, но и законска одговорност!

Со почит, 
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица 

Фото: МИА архива

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан