• сабота, 23 ноември 2024

По хакерскиот напад, до страницата на Собрание може да пристапат само домашните корисници

По хакерскиот напад, до страницата на Собрание може да пристапат само домашните корисници

Скопје, 28 март 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите информира дека по хакерскиот напад врз собраниската веб страница се следи состојбата и посочи дека засега до страницата можат да пристапат само домашните корисници.

Џафери истакна дека констатирале оти од повеќе странски земји се правело обид да се хакира сајтот, но посочи дека не можеле да утврдуваат конкретно од која земја.

-Во секој случај се следи состојбата. До веб страната на Собранието има пристап од секаде, според принципот каде и да си во светот сакаш да влезеш и ќе си влезеш. И констатација е дека од надвор од повеќе места истовремено се правеше обид да се влезе, затоа се блокира страницата. Од повеќе земји, засега немам конкретни сознанија од која земја. И решението било да се блокира пристапот од надвор, од странство и да се остават само домејните МК да можат да пристапуваат. Не можете да утврдите од која земја ви доаѓа од странство, затоа што Ај-Пи (ИП) адресите веднаш си ги менуваат за да можете да лоцирате од која земја, рече спикерот Џафери.

Тој додаде дека од хакерскиот напад врз сајтот на Собранието не е направена некаква штета.

И во сабота од собраниската прес-служба соопштија дека Интернет страницата на Собранието е вратена во функција и е достапна за домашните корисници, појаснувајќи дека страницата не била функционална поради напад од надвор од повеќе конекции. 

-Согласно информациите од стручните лица надлежни за ИКТ станува збор за напад од надвор (flood attack), односно напад од повеќе конекции, чија последица е недостапност на интернет страницата. Во моментов оневозможен е пристап до страницата од странски адреси но е достапна за домашните корисници. Во меѓувреме, надлежните службеници ќе ја следат состојбата и штом се констатира дека е безбедно, пристапот за корисниците од странство ќе биде овозможен, наведе прес-службата на Собранието. фф/ац/

Фото: Собрание

Остани поврзан