• четврток, 26 декември 2024

По две години пауза низ штипските улици ќе свири Градскиот дувачки оркестар

По две години пауза низ штипските улици ќе свири Градскиот дувачки оркестар

Штип, 23 мај 20222 (МИА) - По две години пауза низ штипските улици празнично ќе продефилира Градскиот дувачки оркестар. Триесетина членови од Оркестарот ќе се претстават со однапред подготвена програма, со која ќе го одбележат утрешниот празник, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

Дефилето ќе започне утре напладне, од Плоштадот „Слобода“ во Штип, па се’ до Центарот за култура „Ацо Шопов“.

-Утре, на 24 мај, ќе се претставиме со програма којашто е сочинета од маршеви и чекорници. Ќе се движиме од тука, од Градскиот плоштад, до платото на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип. Инаку, оркестарот е под диригентската палка на Тоше Митров, така што добро сме подготвени за овој празник и за ова празнично дефиле коешто ќе го претставиме, истакна музичарот Филип Стевановски.

Настанот е дел од неделната и годишната програма на Центарот за култура „Ацо Шопов“, од каде директорот Горан Трајков вели дека е особено задоволство што повторно се активираат ваквите активности. Тој најави уште неколку настани со кои Оркестарот ќе ја збогати музичката програма во градот.

-„Чест ни е да го одбележиме 24 мај – Денот на се - ловенските просветители со Градскиот оркестар – Штип, којшто оваа година е инкорпориран во годишната програма за работа на Центарот за култура. Ни претставува огромно задоволство, затоа што Градскиот оркестар нема да застане овде. Тие ќе подготват уште две изненадувања за граѓаните на град Штип. Тоа значи дека ќе имаат концерт во средината на јуни и предновогодишен концерт којшто ќе биде како завршна програма од работата на Градскиот оркестар – Штип, рече Трајков.

Членовите ги поканија сите граѓани да присуствуваат на настанот, на кој присуството е бесплатно за заинтересираните.

Градскиот дувачки оркестар се возобнови во 2018 година по речиси децениска пауза. Тогаш изведе дефиле во чест на 8 ноември, Денот на ослободувањето на градот, кое започна од Гимназијата, а заврши на Градскиот плоштад. Тогаш Оркестарот ги раздрма штипјани, но следеше пандемиска пауза. вдј/свс/

Остани поврзан